Заев: Со македонскиот идентитет нема да си игра Унија во која не сме членка!
Додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме, рече Заев.
Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина, изјави денеска премиерот Зоран Заев по посетата на Брисел каде имаш средби со повеќе политичари.
– Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори. Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Ние имаме и гордост и сопствен идентитет. Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра ниту мојата Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка – рече Заев.
Тој од Брисел заминува во Мадрид, Шпанија, а од таму на економскиот форум Делфи во Атина, Грција.