ВТОРО ЗЛАТО ЗА БРИТАНКАТА ЕМИ ХАНТ ВО БИРМИНГЕМ Победи на трка на 100 и на 200 метри
Британската атлетичарка Еми Хант го освои вториот златен медал на Европското првенство што се одржува во Бирмингем. Таа по триумфот на 100 метри синоќа беше најбрза и во трката на 200 метри со време 22,19 секунди, пред Расидат Аделеке од Република Ирска и сонародничката Дина Ејшер-Смит.
Злато за Република Ирска освои Марк Инглиш со победата во трката на 800 метри. Тој имаше време 1:45.26 минута, а втор целта ја мина Марино Блудек од Хрватска. Бронзата му припадна на Мохамед Атауи од Шпанија.
Во фрлање диск победи Словенецот Кристијан Чех со нов рекорд на првенствата – 72,51 метри. Миколас Алекна од Литванија освои сребро, а Германецот Хенрик Јансен бронза.
Германката Геса Краузе го освои златниот медал во трката на 3.000 метри стиплчез со време – 9:12.69 минути, а до медалите стигнаа и Алис Фино од Франција и Оливија Грут од Германија.
Анжелика Мосер од Швајцарија победи во скок со стап кај жените со прескокнати 4,80 метри, пред Вилма Хелтела од Финска и Мари Ѓули Бонин од Франција.
Во дисциплината трискок најуспешна со најдобар резултат во кариерата беше Дарија Деркач од Италија со прескокнати 14,60 метри. Салија Жосе од Швајцарија го освои среброто, а Александра Начева од Бугарија ја освои бронзата.
Во десeтобој злато и сребро за Германија. Лео Нојгебаур собра 8.611 поени, пред Никлас Каул кој освои 8.573 поени. Бронзата му припадна на Сандер Скотхајм од Норвешка, кој имаше 8.433 поени.