Во Чешка од полноќ повторно стапи во сила вонредна состојба поради големиот пораст на заразени лица со ковид-19.
Владата на премиерот Андреј Бабиш одлучи да прогласи вонредна сотојба, што значи повторно ограничување на собирите и поголеми казни за оние кои не ги почитуваат епидемиолошките мерки.
Вонредна состојба веќе беше воведена од средината на март до средината на мај, но овојпат границите ќе останат отворени.
Во земјата ќе бидат ограничени собирите во затворено на 10 луѓе, а на отворено максимум 20. Спортските натпревари ќе продолжат, но без публика. За компаниите, продавниците и рестораните ќе важат нови правила.
Новиот рекорден број на заразени лица е достигнат во петокот со 3.792 случаи.
Според Европскиот центар за контрола на болести, во Чешка на 100.000 жители се заразени просечно 303,3 во последните 14 дена.
Оваа земја со 10,7 милиони жители има вкупно 82.446 заразени и 727 починати лица од коронавирус
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио најави можност за враќање на построги епидемиолошки мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, како на пример затворање на училишта, ресторани и продавници, кои не се најнеопходни во девет квартови на Бруклин и Квинс, каде бројот на новозаразени од Ковид-19 е во голем пораст.
– Предлагам од 7 октомври да ги затвориме сите училишта и продавници кои не се најнеопходни во девет квартови – истакна Де Бласио на прес-конференција.
Тој нагласи дека очекува од гувернерот на сојузната држава Њујорк, Ендру Куомо да ја потврди оваа одлука.
– Жителите на Њујорк напорно работеа за да го спречат ширењето на заразата, па оваа одлука не ја носиме лесно. Во нашиот град науката и струката имаат главен збор, а ние носиме одлуки врз основа на она што ни е препорачано – додаде градоначалникот, упатувајќи критика до администрацијата на Трамп и републиканците, кои според него, имаат несериозен пристап кон вирусот.