🎥 ВОН КОНТРОЛА Е ГОЛЕМ ПОЖАР НА ГРЧНИОТ ОСТРОВ КРИТ Загинаа двајца пожарникари, жителите и туристите се евакуираат

Активни се пожари и на островот Лезбос, како и во јужниот дел на Пелопонез во близина на градот Гитио, каде што почина пожарникар за време на извршување должност, меѓутоа смртта не е директно поврзана со огнената стихија.

0

Вон контрола е големиот пожар што избувна околу 14.30 часот јужно од градот Ретимно на грчкиот остров Крит. Поради силниот ветер огнот брзо се прошири, а при гаснењето загинаа двајца пожарникари.
Евакуирани се жителите на осум села, а евакуациите беа спроведени и по морски пат.

Туристите забрзано го напуштаат подрачјето.






Противпожарните сили беа дополнително засилени и вечерва. Во гаснењето интервенираат 190 пожарникари со 10 пешадиски тима, 40 возила, а до пред стемнување од воздух се гаснеше со четири хеликоптери и со четири авиони.

Од крајбрежната служба на Грција информираа дека спроведуваат акција за укажување помош и евакуација на лица по морски пат од крајбрежното туристичко место Агиос Павлос, од каде се евакуирани 29 лица со пловни средства, спасувачки брод и со приватни чамци.

Во областа во состојба на готовност остануваат два патролни брода на крајбрежната служба, еден брод, за спасување и приватни чамци.

Според локалните медиуми од Крит, огнената стихија претставува директна опасност за најмалку четири села, а процените се дека поради силниот ветер ноќта ќе биде тешка.

Претходно, двајца пожарникари, на возраст од 25 и 58 години, кои учествуваа во гаснењето загинаа откако со нивното возило заглавиле меѓу огнените јазици.

Освен пожарот јужно од Ретимно, на Крит активен е пожар и во југоисточниот дел на островот.

Активни се пожари и на островот Лезбос, како и во јужниот дел на Пелопонез во близина на градот Гитио, каде што почина пожарникар за време на извршување должност, меѓутоа смртта не е директно поврзана со огнената стихија. Од противпожарната служба на Грција соопштија дека за време на интервенција во гаснењето на пожарот кај Гитио, без знаци на живот бил пронајден пожарникар надвор од периметарот на пожарот, со возило на брза помош бил пренесен во болница каде што била констатирана смрт.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изрази сочувство до семејствата и колегите на двајцата пожарникари кои ги загубија животите борејќи се со огнената стихија во Ретимно, како и на пожарникарот кој почина во Гитио.

– Нашите мисли се со нив, како и со сите пожарникари, волонтери и припадници на безбедносните служби, кои водат битка на огнените фронтови во новата сурова реалност која секоја година се принудени да ја надминуваат – рече Мицотакис.

Сочувство изразија и грчкиот претседател, како и сите политички партии

Поврзани содржини