ВО ИГРА СЕ 2 НАЦРТИ, РУСИТЕ ЌЕ ГО ПРЕДАДАТ СВОЈОТ НА 2 ЈУНИ? Украинскиот документ вклучува мониторинг на евентуалниот прекин на огнот

Според висок украински функционер, меморандумот на Украина вклучува одредби за прекин на огнот, но и следење на прекинот од страна на „меѓународните партнери“, пишува весникот.

986

Москва одбива предвреме да го предаде својот нацрт меморандум за крај на војната во Украина пред можната рунда преговори во Истанбул на 2 јуни. „Њујорк Тајмс“ пишува дека претходно, на 28 мај, Украина доставила своја верзија која вклучува прекин на огнот „на копно, на море и во воздух“.

„Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на прес-конференција во Киев изјави дека за кој било состанок да биде суштински и значаен Украина мора претходно да го има рускиот нацрт за делегацијата која ќе присуствува да може да преговара за клучните позиции“, се вели во написот.






Сибиха ја обвинил руската страна дека ги одложува преговорите. Додека Киев сака прекин на огнот од најмалку 30 дена пред преговори за конечен крај на војната, Москва постојано повторува дека сака да се решат клучните причини за војната пред какво било договорено примирје.

Што предвидува украинскиот нацрт? Според висок украински функционер, меморандумот на Украина вклучува одредби за прекин на огнот, но и следење на прекинот од страна на „меѓународните партнери“, пишува весникот.

Предводникот на руската делегација, Владимир Медински, изјави дека го контактирал Јермак во врска со можната средба на 2 јуни каде што Москва би ги презентирала своите услови.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова потврди деак на 2 јуни Медински ќе пристигне во Истанбул на состанок со украинските преговарачи „со нацрт-меморандум и со други предлози за прекин на огнот“. Таа се заблагодари на Турција како домаќин, но инсистира дека не станува збор за турско или чие било посредништво во преговорите.

Што предвидува рускиот нацрт? Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека во идните преговори со Киев, Москва ќе продолжи да инсистира на укинување на „дискриминаторските закони“, осврнувајќи се на ограничувањата за употреба на рускиот јазик во Украина.

Тој, исто така, го наведе враќањето на Украина на неутрален, неврзан и ненуклеарен статус како клучно барање.

На 28 мај, „Киев Индепендент“, повикувајќи се на неименувани руски извори, објави дека условите на рускиот претседател Владимир Путин за крај на војната се писмена гаранција од европските држави дека НАТО нема да се шири на исток, неутралност на Украина, укинувањена дел од западните санкции, решавање на прашањето за замрзнатите руски имоти и заштита на луѓето кои зборуваат руски јазик во Украина.

На првата рунда преговори во Истанбул на 16 мај, Русија и Украина ја договорија најголемата размена на воени затвореници од почетокот на војната. Размената се одвиваше во три фази, од кои последната се одржа на 25 мај. Земјите разменија по 1.000 заробеници.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, одби јавно да зборува за документите што се во изработка велејќи дека објавата на документот во медиумите би била грешка. Во исто време, тој рече дека Москва и Киев работат на условите за привремен прекин на огнот.

Борбите на фронтот во Украина продолжуваат со најавена летна руска офанзива во регионите Харков и во Суми. Германските медиуми шпекулираа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски предвреме ја прекина својата посета на Германија поради опасноста од напад врз Суми.

Зеленски претходно изјави дека Русија распоредува 50.000 војници во близина на североисточниот украински Сумски регион, обидувајќи се да создаде тампон зона од 10 километри во таа област.

 

 

Поврзани содржини