ВМРО-ДПМНЕ: Остануваме на барањето за пребројување на гласовите, ќе ја тужиме ДИК

Партијата најави дека ќе поднесе тужби до Управниот суд по решенијата донесени од ДИК.

654

Остануваме на барањето за физичко пребројување на гласовите и ќе поднесеме тужби до Управниот суд по решенијата на ДИК, информира денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата смета дека со одлуката на Државната изборна комисија да ги одбие поднесените приговорите наштети на севкупниот изборен процес и угледот на земјата.






Од партијата информираат дека биле поднесени два суштински приговори до ДИК.

–  Во однос на барање на физичко пребројување на гласачките ливчиња од сите 3480 избирачки места во државата, заради утврдување на точен и конечен резултат од предвремените парламентарни избори од 13, 14 и 15 јули, како и во делот на свесната кампања со наведување на гласачите за уништување на гласачко ливче.

Оттаму сметаат дека се прекршени, односно не се испочитувани ставовите од членот 135 од Изборниот законик, кои што се однесуваат на објавувањето на резултатите.

– Резултатите објавени по електронски пат не се совпаѓаат со реалните резултати од записниците број 16, а од страна на ДИК беа објавени по законскиот рок од 12 часа за објавување на првичните резултати. Притоа, резултатите објавени на електронската апликација на ДИК не се во согласност со резултатите во записниците број 16, односно со оглед дека поголем дел од резултатите внесени на апликацијата на ДИК не се совпаѓаат со резултатите од записниците број 16, се отвора сомнеж за легитимноста на севкупниот изборен процес – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според тоа, додаваат од оваа партија, бројките објавени од страна на ДИК во Заклучокот за објавување на резултатите, односно вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња заедно со број на употребени важечки и неважечки гласачки ливчиња кои што се објавени во Заклучокот, е помал од бројот на избирачи запишани во Избирачкиот список.

– Тоа остава сомнеж за тоа каде се останатите гласачки ливчиња кои што недостасуваат согласно објавениот Заклучок на ДИК – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини