ВЕШТАЧЕЊЕТО ВО ПРИЛОГ НА ГАЗДА ДЕКО Е „ИНЖЕНЕРСКА АЛХЕМИЈА“, СЕЛЕКТИВНО И ТЕНДЕНЦИОЗНО Професор сведочеше на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“
Во вештачењата на господинот Русески провејуваат нагласена селективност, своевидна инженерска алхемија и, потенцирам, стручна самодисквалификација – рече професор Горан Марковски од Градежниот факултет.Во вештачењата на господинот Русески провејуваат нагласена селективност, своевидна инженерска алхемија и, потенцирам, стручна самодисквалификација – рече професор Горан Марковски од Градежниот факултет.
Со осврт на опфатот и методолошкиот пристап во вештачењата изработени од Петре Русески, Василка Каевска и Инает Дани, како и на усното излагање на вештото лице Петре Русески, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје.
Вештото лице од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во своето излагање изнесе низа забелешки за методологијата и опфатот на вештачењата на Русески оценувајќи дека во нив има селективен пристап, изоставување релевантни факти и навлегување во области за кои, како што посочи, вештото лице се изјаснило дека нема стручност.
– Постојат сериозни разлики во методологијата на изработка меѓу нашето вештачење, во кое без никаква задршка и калкулации изнесуваме јасни ставови и ги покриваме сите релевантни и суштествени стручни урбанистички, градежни и противпожарни аспекти поврзани со настанот од 16 март 2025 година, и вештачењата на господинот Русески, во кои провејуваат нагласена селективност, своевидна инженерска алхемија и, потенцирам, стручна самодисквалификација – рече Марковски.
Тој особено се осврна на анализата на противпожарната заштита и на градежните материјали употребени во објектот посочувајќим дека Русески се оградил од стручност во оваа област, но истовремено анализирал детали што, според него, не се од суштинско значење, додека не дал соодветни одговори за својствата и безбедноста на материјалите употребени во дискотеката.
– Ова прашање воопшто не беше дали инвеститорот може самостојно или стручно да одлучува, туку прашањето беше стручното лице од областа на градежништвото да се произнесе за безбедното или небезбедното користење на вакви материјали во таков простор … Во анализата на противпожарната заштита низ вештачењето провејуваат две крајно спротивставени позиции: од една страна, вештакот се повлекува и се заштитува со прогласување за нестручен во таа област, а од друга страна, се впушта во детектирање и образложување на некои ситни детали кои воопшто немаат битно значење во овој случај. Се премолчуваат фактите за вградените материјали, како што се сунѓерот, полиуретанскиот сунѓер, декоративниот лим и други материјали, односно не се коментираат ниту се дава одговор на прашањата за нивниот квалитет, можноста за употреба и влијанието што го имале врз критичниот настан. Наместо тоа, на прашањето се одговара: „Инвеститорот, како корисник на просторот, не може самостојно и стручно да ја утврдува класата на реакција на пожар и класата на материјалите“ – нагласи Марковски.
Како спорен го посочи и заклучокот во вештачењето, дека во критичната вечер била обезбедена соодветна вентилација во дискотеката, оценувајќи дека таква констатација не може да се изнесе без соодветни докази.
Марковски забележа и дека не била направена целосна анализа на релевантната стручна документација и доказите, вклучително и вештачењата на Одделот за форензички испитувања при МВР и на стручни лица од Природно-математичкиот факултет.
Во однос на минимално-техничките услови, Марковски рече дека исполнетоста била констатирана исклучиво врз основа на извештај од пазарен инспектор од 2012 година, без самостојна инженерска проверка дали објектот ги исполнувал пропишаните услови во периодот пред пожарот.
Се осврна и на промените во објектот, меѓу кои изградбата на челичните галерии, поставувањето челични греди и столбови, затворањето на прозорците со декоративен лим, поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот и измените во инсталациите.
– Русески, целосно ги занемарува конкретните интервенции во објектот, како што се изведбата на челичните галерии, со кои се променила и нето-корисната површина на објектот, а со тоа и капацитетот на посетители; изведувањето челични греди и столбови на приземјето на објектот, со кои се интервенирало во конструктивниот систем; затворањето и заѕидувањето на прозорците со челичен пластифициран декоративен лим; поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот; измените во инсталациите итн. Кога самото вешто лице признава дека нема стручност за противпожарна заштита, тогаш не може таа стручна празнина да ја надомести со категоричен заклучок дека зафатите биле само внатрешно, односно ентериерно уредување – рече Марковски.
Во продолжение на излагањето, тој ја оспори и тезата дека Законот за градење се однесува само на изградба на нови објекти, наведувајќи дека тој го уредува целиот животен век на објектот, вклучително и неговата употреба, одржување и измените во текот на експлоатацијата.
Марковски ја доведе во прашање и констатацијата за неповрзаноста на класите на намена дефинирани во деталниот урбанистички план со намената на објектот утврдена со Законот за градење, посочувајќи го решението за услови за градба од 1999 година, во кое објектот бил означен како деловно-производствено-продажен.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што се случи на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.