ВАШИНГТОН СО НОВИ ПАРИ ЗА КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ Средства доби и компанијата која е позната во Македонија преку проектот за бакар во Иловица

Американското Министерство за енергетика додели средства на „Nth Cycle“, компанија за рециклирање батерии поддржана од „Трафигура“, која е мнозински акционер во „Еуромакс ресоруцес“, компанијата носител на проектот за рудник за бакар во Иловица.

0

Официјален Вашингтон додели 500 милиони долари за седум проекти со цел да се зголемат ископот и преработката на критичните минерали, производството на батерии и рециклирањето во Соединетите Американски Држави. Меѓу избраните, има и проект зад кој стои мултинационалната компанија „Трафигура“, која пак на македонската јавност ѝ е позната по инвестицијата во рудникот за бакар „Иловица-Штука“. Американското Министерство за енергетика (DoE) додели средства на „Nth Cycle“, компанија за рециклирање батерии поддржана од „Трафигура“, за објект за преработка на метален отпад од батерии познат како „црна маса“. Порано овој месец, администрацијата на претседателот Доналд Трамп го блокираше извозот на „црна маса“, која е полна со минерали што можат да се рециклираат.

Како што пишува Ројтерс, компанијата за рафинирање на критични метали „Nth Cycle“ во март годинава потпиша 10-годишен обврзувачки договор за испорака на никел и литиум на „Трафигура“ за околу 1,1 милијарда долари. Договорот бил потпишан на маргините на Индо-пацифичкиот министерски и бизнис форум за енергетска безбедност во Токио, а Ројтерс анализира дека тој е резултат на засилените напори на владите ширум светот за намалување на зависноста од Кина за критични метали.






Групацијата „Трафигура“, во чие портфолио во фокус се и критичните минерали, е мнозински акционер во „Еуромакс ресоруцес“, која е носител на проектот за рудник за бакар во Иловица. Инвестицијата е во застој и покрај фактот дека бакарот се смета за еден од најкритичните минерали, потребен во повеќе индустрии, а особено важен за одбраната и за зелената транзиција.

Инаку, како што соопштија од американското Министерство за енергетика (DoE),  избраните проекти ја унапредуваат агендата на претседателот Трамп за зајакнување на домашните синџири на снабдување со критични минерали во Америка, намалување на зависноста од странски извори, зајакнување на националната безбедност и за унапредување на американската енергетска доминација. Во Македонија пак, се актуелизираше соработката со американското Министерство за енергетика откако преку Стратешкиот дијалог со САД, на компанија ѝ беа доделени пет милиони евра за геолошки истражувања за антимон недалеку од Крива Паланка.

„Предолго време Америка зависеше од странски актери во снабдувањето со критичните материјали кои се неопходни за современиот живот, кои ја поткрепуваат нашата економија, енергетската безбедност и националната безбедност. Претседателот Трамп ја надминува таа зависност преку обезбедување наши синџири на снабдување со критични минерали, ослободување на американската индустрија и враќање на производството и преработката на критични материјали во Соединетите Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.

„Министерството за енергетика презема решителни мерки за да ги обезбеди критичните синџири на снабдување неопходни за напојувањето на нашата нација. Овие проекти ја нагласуваат посветеноста на Министерството за енергетика за поттикнување на иновациите, намалување на зависноста од странски извори и промовирање на американската енергетска доминација“, изјави помошничката секретар за енергетика, Одри Робертсон.

Како што се додава во соопштението, критичните минерали и материјали се од суштинско значење за американската индустрија, за производството на енергија и за националната безбедност. Проширувањето на домашниот капацитет ќе помогне ресурсите што ѝ се потребни на Америка да се преработуваат, произведуваат и рециклираат во Соединетите Американски Држави.

Поврзани содржини