УТВРДЕНИ СЕ ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ НА ГРОЗЈЕТО „Вранецот“ ќе се откупува за 21,8 денари, а „смедеревката“ за 20 денари

Новиот министер за земјоделство Борче Серафимовски рече дека цената е утврдена според релевантни параметри. 

1

Килограм „вранец“ ќе се откупува за 21,8 денари, а „смедеревка“ за 20 денари, соопшти денеска во Кавадаречкото село Сопот новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.

Серафимовски појасни дека откупната цена за најзастапените црвена и бела винска сорта грозје, е всушност, добиена, со зголемување за 25% на производната цена утврдена од Земјоделскиот институт.






Тој појасни дека при пресметката биле земени предвид сите релевантни производни параметри, вклучително и трошоците за агротехнички мерки, заштита, прихрана, работна сила, механизација, репроматеријали и останати фиксни и варијабилни трошоци, согласно Методологијата.

-Производната цена, е утврдена врз основа на реални податоци добиени преку теренски анкети и анализи на репрезентативен примерок на лозарски стопанства, со што се обезбедува објективност, стручност и транспарентност во процесот на нејзиното утврдување. За поголема транспарентност, анкетните листови беа и јавно објавени на страната на Земјоделскиот институт – Скопје – подвлече Серафимовски.

Министерството, нагласи Серафимовски, останува посветено на доследна примена на законските процедури и на обезбедување фер, транспарентен и предвидлив процес во интерес на лозарите и винарската индустрија, при што сите активности се реализираат во согласност со Законот за виното и подзаконските акти што ја регулираат оваа област.

Лани „смедеревката“ се откупуваше по цена од 18,90 денари, а „вранецот“ по цена од  21,30 денари.

Според Законот за виното и Методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, производната цена на двете најзастапени сорти грозје ја утврдува Министерството за земјоделство. Притоа Министерството преку јавен конкурс избра научна институција која ја спроведе пресметката на производната цена. Годинава, производната цена на грозјето ја подготви Земјоделскиот институт – Скопје.

Поврзани содржини