УСЛОВИТЕ ВО ИТНАТА ПОМОШ СЕ ЛОШИ Клековски ги слушна од прва рака проблемите во најоптоварената Итна служба
Министерот за здравство Сашо Клековски утрово ја посети Итната помош во Скопје и за да ги види условите во кои работи и да ги слушне проблемите од прва рака во најоптоварената Итна медицинска помош во земјата.
„Ќе бидам директен: условите се лоши. Простор што одамна не одговара на обемот на работа, диспечерски центар кој работи на граница на своите можности, и екипи кои и покрај сето тоа излегуваат на терен 24 часа дневно, 365 дена во годината. Тоа мора да се менува“, напиша Клековски на Фејсбук.
Тој претходно најави дека Итната помош во Скопје ќе се издвои од Здравствениот дом и ќе биде самостојна установа со свое раководство и буџет, како пилот-модел.
Ќе се воведе Национален диспечерски центар за координација на екипите од целата држава, со единствени национални стандарди за тријажа. Тоа значи дека секој повик ќе се оценува по иста скала, во Скопје и во секој друг град. Кога повиците се повеќе од екипите, тријажата одлучува кој добива екипа прв. Затоа мора да биде по јасен протокол и иста за сите.
Министерот најави и нови возила и кадар за Итната помош.
„Пред неколку дена лекар и медицинска сестра од оваа служба беа нападнати на работно место. Луѓето што доаѓаат кога ни е најтешко заслужуваат и пристојни услови за работа и безбедност додека ја вршат својата должност. И едното и другото се наша обврска“, додаде Клековски.