УКРАИНЦИТЕ ПОГОДИЛЕ 20 РУСКИ БРОДОВИ ВО ЦРНОТО МОРЕ На удар танкери за нафта, танкери за гас и еден реморкер
Три лица биле убиени, исто толку ранети во руски напад извршен изутринава врз пристанишниот град Одеса на Црното Море.
Украински дронови во текот на ноќта погодиле 20 руски пловни објекти во Црното Море, меѓу кои 17 танкери за превоз на нафта, соопшти командантот на украинските Сили за беспилотни системи, Роберт Бровди.
Во објава на „Телеграм“, Бровди наведе дека меѓу погодените цели имало и два танкери за превоз на гас и еден реморкер.
Во меѓувреме, началникот на Одеската градска воена администрација, Сергеј Лисак, преку објава на „Телеграм“ соопшти дека три лица биле убиени, исто толку ранети во руски напад извршен изутринава врз пристанишниот град Одеса на Црното Море.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнала и уништила 93 украински беспилотни летала над руски региони, како и над акваториите на Азовското и Црното Море.
Според соопштението на Министерството, дроновите биле соборени во периодот од 20:00 часот на 14 јули до 07:00 часот на 15 јули по московско време над областите Белгород, Брјанск, Курск и Ростов, над Московскиот регион, Краснодарскиот крај, Република Крим, како и над Азовското и Црното Море.