ТУРЦИЈА ГО УКИНА БЕЗВИЗНИОТ РЕЖИМ СО ЦРНА ГОРА Ердоган ѝ одговори со реципроцитет на Подгорица

Одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган доаѓа само неколку недели откако Црна Гора почна да бара визи за турските граѓани како дел од напорите за хармонизирање на својата визна политика со онаа на Европската Унија.

0

Со указ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објавен денеска во турскиот службен весник, Турција го суспендира безвизниот режим за граѓаните на Црна Гора.

Одлуката доаѓа само неколку недели откако Црна Гора почна да бара визи за турските граѓани како дел од напорите за хармонизирање на својата визна политика со онаа на Европската Унија.






Указот на претседателот Ердоган го прекинува договорот од 2008 година што им дозволуваше на граѓаните на Турција и на Црна Гора да влегуваат на територијата на другата земја без визи. Суспензијата се однесува на носителите на обични црногорски пасоши, на кои сега ќе им треба виза за влез во Турција.

Црна Гора воведе визи за турските граѓани на 1 ноември, објаснувајќи дека промената е дел од нејзините напори за хармонизирање на својата визна политика со онаа на Европската Унија, на која се надева дека ќе ѝ се придружи. На истиот датум, земјата го укина и безвизниот режим и за граѓаните на Белорусија, Кина, Русија и на Саудиска Арабија.

Тензиите меѓу Подгорица и Анкара ескалираа кон крајот на октомври 2025 година, откако црногорски државјанин беше избоден во тепачка во подгоричкото предградие Забело. Првичните извештаи во локалните медиуми го поврзаа нападот со турски граѓани, што предизвика бран антитурски протести во Подгорица, во кои беа нападнати автомобили, ресторани и продавници поврзани со турски граѓани. На 27 октомври, црногорската влада привремено го суспендираше безвизниот режим за турските граѓани, а Анкара побара властите во Подгорица да ја гарантираат безбедноста и правата на турските граѓани во Црна Гора. Истрагата потоа утврди дека двајцата приведени турски граѓани, осомничени за нападот, не учествувале во него.

На 23 декември 2025 година, Црна Гора го врати безвизниот режим за турските граѓани, но го намали дозволениот престој од 90 на 30 дена.

Поврзани содржини