ТУРЦИЈА ЗАБРАНИ ПРИСТАП НА КРУЗЕР СО ЛГБТК+ ПАТНИЦИ ВО КУШАДАСИ Локалната власт се повикува на морални стандарди и на семејни вредности
Локалните власти во Турција објавија дека го откажуваат пристапот на крузерот „Скарлет лејди“, велејќи дека бродот, кој превезува повеќе од 1.000 патници од САД, е изнајмен за групи „познати по однесување кое е несоодветно на општественото ткиво и моралните вредности на нашата земја“.
Турските власти забранија крузер наменет за американски ЛГБТК+ патници да се закотви во турските пристаништа, а како прилина ги наведоа „моралните стандарди“ и „семејните вредности“, изјави извршниот директор на компанијата „Атлантис Ивентс„ што го организира медитеранското патување.
Крузерот „Од Атина до Венеција“, кој исплови од Грција на 5 јули, требаше да се закотви два дена подоцна во познатото турско одморалиште Кушадаси, а потоа и во Истанбул.
Сепак, во контроверзен потег, локалните власти во Турција објавија дека го откажуваат „настанот“, велејќи дека бродот, кој превезува повеќе од 1.000 патници од САД, е изнајмен за групи „познати по однесување кое е несоодветно на општественото ткиво и моралните вредности на нашата земја“.
Бродот „Скарлет лејди“ е во сопственост на Virgin Voyages, која е поддржана од британскиот милијардер Ричард Бренсон. Организаторот објави дека наместо во Турција, крузерот ќе се закотви во Каиро, Египет и на грчкиот остров Крит.
– Искрено, ова е прилично шокантно. Образложението е едноставно дека станува збор за геј група. Многу ме загрижува кога една земја одлучува дека може да избере кои туристи ќе ги пушти, а кои не – изјави за Си-Ен-Ен претседателот и извршен директор на „Атлантис Ивентс“, Рич Кембел.
Кембел рече дека ова е прв пат во 36-годишното постоење на компанијата властите конкретно да им кажат дека не можат да се закотват во пристаништето поради тоа „кои се“.
Според него, околу 1.100 од вкупно 1.900 патници на ова крстарење доаѓаат од Соединетите Американски Држави, додека останатите се од Велика Британија, Канада, Австралија и од други земји.
Според веб-страницата на „компанијата, патувањето трае 10 дена и е опишано како „епска авантура“ што им овозможува на патниците да ги обиколат медитеранските острови, вклучувајќи и дестинации како што се грчките острови и Хрватска.
Властите на покраината Ајдин, на која ѝ припаѓа пристаништето Кушадаси, објавија дека „нема апсолутно никаква можност споменатата група да ја посети нашата покраина за ваков настан“.
Во исто време, властите во Истанбул изјавија дека полицијата извршила рација во градски бар, откако брошура со ознака „Атлантис“ најавила забава во барот. Кембел вели дека промотивниот материјал не бил произведен или дистрибуиран од неговата компанија.
– Ова не е политичка организација. Ние не доаѓаме за ништо друго освен да трошиме пари, да се забавуваме, да ги видиме знаменитостите и да бидеме почитувачи на секоја култура што ја посетуваме – рече Кембел.
Во четврток, „Атлантис“ ги информираше патниците дека, „поради околности надвор од негова контрола“, мораше да го промени својот патнички план и да ги откаже двете свои застанувања во Турција, бидејќи тие беа откажани од турските власти.
Партијата за правда и развој (АКП) на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во последните 10 години зазема сè поостар став кон ЛГБТК+ заедницата, што предизвика осуда од организациите за човекови права. Во 2015 година властите ги забранија Парадите на гордоста во Истанбул, наведувајќи безбедносни ризици и заштита на јавниот ред.