САД ЈА ПРЕДУПРЕДИЛЕ ПОЛСКА ДЕКА МОСКВА ПЛАНИРА ВООРУЖАНА ПРОВОКАЦИЈА Туск вели дека се подготвуваат за различни ситуации

Не сакам никого да плашам, но наредните месеци навистина би можеле да бидат критични, рече полскиот пррмиер Доналд Туск, по медиумските извештаи дека Русија со вооружена „провокација“ во Полска сака да ја тестира решителноста на НАТО.

1

Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека наредните месеци би можеле да бидат „критични“ во однос на заканата од Русија и рече дека неговата земја се подготвува за „различни“ сценарија.

Туск реагираше на медиумските извештаи дека, според американските разузнавачки служби, Москва планира вооружена „провокација“ во Полска, со цел да ја тестира решителноста на НАТО, пишува Би-Би-Си.






– Не сакам никого да плашам, но наредните месеци навистина би можеле да бидат критични, делумно поради променливата природа на војната. Оваа загриженост е особено изразена во балтичките држави – изјави Туск.

Полскиот медиум „Онет“ објави дека извори блиски до претседателот Карол Навроцки рекле дека САД испратиле неколку предупредувања до Варшава за планираниот напад. Според наводните планови, за кои денес пишуваше и британски Телеграф, полската инфраструктура би можела да биде цел на ракети или на беспилотни летала или, пак, војници би можеле да бидат испратени кон членката на НАТО.

Извештаите сугерираат дека целта на таквата акција би била да се изврши притисок врз западните сојузници на Украина да ја замрзнат помошта за земјата.

Прашан за медиумските извештаи, Туск рече:

– Да не се плашиме, се подготвуваме за различни ситуации, но не смееме да ги игнорираме. Свесни сме за заканата, меѓу другото, благодарение на информациите од нашите сојузници.

Полскиот претседател Навроцки треба да присуствува на самитот на НАТО во Турција следната недела со лидерите на другите членки на одбранбената алијанса. Генералниот секретар Марк Руте рече дека состанокот ќе покаже како Европејците ги почитуваат долгогодишните повици на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на трошоците за одбрана.

Се очекува и дека лидерите ќе ветат продолжување на финансирањето на оружјето за Украина.

Во април, Туск изјави за Фајненшл тајмс дека Русија би можела да нападне една од членките на НАТО за неколку месеци.

Кон крајот на јуни, неговиот заменик Радек Сикорски, изјави дека не би исклучил руска операција „под лажно знаме“ во следните две години што би послужила како оправдување за напад врз членката на НАТО.

Балтичките земји претходно изразија загриженост за нивната ранливост на руски напад. Латвиските медиуми објавија во јуни дека нивните разузнавачки служби предупредиле дека Москва планира воени провокации во регионот или во Полска.

Амбасадорот на Литванија во НАТО вчера изјави дека Русија е поверојатно да прибегне кон хибридно војување – како што се напади со ракети или со беспилотни летала – отколку конвенционален воен напад.

Член 5 од договорот за НАТО наведува дека вооружен напад врз една членка ќе се смета за напад врз сите, што ги обврзува да се бранат едни со други.

Поврзани содржини