ТАРАВАРИ ДА НЕ СЕ СРАМИ И ДА КАЖЕ ДАЛИ ПРЕМИНАЛ ВО ДРУГИОТ ТАБОР Меџити бара Таравари јавно да се определи со кој ќе соработува
Да се соработува со ДУИ и да се биде дел од Владата мислам дека не штима, изјави денеска вицепремиерот и министер Изет Меџити повикувајќи го лидерот на Алијанса за Албанците јавно да се изјасни дали преминал во таборот на ДУИ.
„Мицкоски ако не го дава, еве… Мислам дека доволно кажа треба да се определи, значи, легитимно, има право да соработува со ДУИ, но во тој момент, значи, треба и тоа да го објави, да не се срами и да, да премине во тој табор“.
Вака одговори лидерот на Демократското движење од коалицијата Вреди и вицепремиер Изет Меџити на прашањето што доколку лидерот на Алијанса за Албанците и министер за здравство остане во владата по најавите дека Тавари може да соработува со ДУИ за локалните избори.
– Значи, ние се гледаме (со Таравари). Вчера имавме редовна седница, меѓуфункционално. Сме посветени на реализација на програмата, проектите кои се во интерес на граѓаните. Нормално дека дебатираме, дискутираме и за политичката ситуација. А, Вреди, значи, нема никакви дилеми, продолжува во таа насока зашто ги побара и тие сто и седум илјади гласови како победничка опција во албанскиот кампус. Како што ветивме, донесовме промена, ротација, плурализам и демократија, значи, во албанскиот кампус. И ние сме, стоиме цврсто на тој пат. Тука е проблемот со господинот Таравари и мислам дека нашата, ние одлучивме дека Вреди ќе биде едно, значи ќе се стопат сите политички партии во (новата партија) Вреди. Пред сè тоа го бараат гласачите наши. Второ, одлучивме дека и соработка со ДУИ и внатре во Вреди не е можна, и мислам дека и соработка со ДУИ и дел од владата, мислам дека има нешто невообичаено – изјави вицепремиерот и министер за животна средина по обраќањето на Форумот за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија.
Според Меџити, за Вреди нема никакви дилеми дека е победничка опција во албанскиот кампус.
За тоа до каде се процедурите во Коалицијата за формирање на еден политички субјект, рече дека донесени се одлуки за претседателство на партијата кое ќе се состои од 23 члена, каде што ќе има претставници од сите четири политички субјекти кои што се чинители внатре во Коалицијата. На прашање кој ќе биде претседател на партијата, Меџити рече „приоритет ни е да го оствариме тоа што ни е барање од граѓаните и да не се расцепка гласот“.