„ТАЛИР“ ПАДНА ПОРАДИ ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ШТО ГИ НАПРАВИ СДСМ Предметот беше нарачан прогон од СЈО, за менување на името
Нека одговорат јавно: кој и за какви цели преку тогашното СЈО го нарача политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги донесоа измените на Кривичниот законик во 2023 година – праша јавно пратеникот Петрушевски.
Падна монтираниот случај за политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ – оценува во статус на Фејсбук пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
„Колку и да се обидува СДСМ да ја префрли вината, фактите не можат да ги избришат. Факт е дека предметот го отвори нивното криминално СЈО, како дел од тогашниот политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, со цел промена на името. Дополнително, факт што свесно го избегнуваат, а кој денес судот јасно го образложи, е дека пресудата е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои СДСМ ги предложи и ги изгласа.
Јавноста добро памети и како тогаш беа донесени тие измени на Кривичниот законик, со силни сомнежи дека се дел од пошироки политички договори и трговија со влијание, со цел уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот.
Затоа, наместо да измислуваат приказни за „судство под контрола“, најпрвин нека се погледнат во огледало, а потоа нека одговорат јавно: кој и за какви цели преку тогашното СЈО го нарача политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги донесоа измените на Кривичниот законик во 2023 година?
Фактите се непријатни за СДСМ, а бегањето од сопствената одговорност преку политичка пропаганда не е политика, туку лицемерие“ – пишува Петрушевски.