📽️ СВЕТСКИТЕ ШАМПИОНИ СЕ ВРАТИЈА ДОМА Мадрид не спие, повеќе од 120.000 луѓе ја слават историската титула на Шпанија

Шпанската репрезентација се врати дома со светската титула, а повеќе од 120.000 навивачи ги пречекаа шампионите во Мадрид. Следуваат шампионска парада и голема прослава на плоштадот Сибелес.

428

Мадрид денес живее во знакот на светските шампиони. Шпанската фудбалска репрезентација се врати дома со трофејот од Светското првенство 2026, а илјадници навивачи ги преплавија улиците на главниот град за да им приредат спектакуларен пречек на новите светски владетели.

По триумфот од 1:0 по продолженијата против Аргентина во финалето одиграно во Њујорк, избраниците на селекторот Луис де ла Фуенте беа дочекани како национални херои.






Трофејот од авионот го изнесоа селекторот Луис де ла Фуенте и капитенот Родри, по што репрезентативците заминаа на прием кај кралот Фелипе Шести во палатата Зарзуела. Потоа следуваше средба со шпанскиот премиер Педро Санчез во владината палата Монклоа.

По официјалниот дел започна долгоочекуваната шампионска парада. Фудбалерите се возат низ улиците на Мадрид со автобус со отворен кров, поздравувајќи ги десетиците илјади навивачи кои со часови ги чекаа своите херои.

Централната прослава традиционално се одржува на плоштадот Сибелес, симболичното место каде што Шпанија ги слави своите најголеми спортски успеси. Според шпанските медиуми, на плоштадот се собрале околу 120.000 луѓе, а улиците околу центарот се преполни уште од раните утрински часови.

 

„Улиците беа преполни уште пред пристигнувањето на хероите. Немаше ниту еден слободен сантиметар. Мадрид беше подготвен да приреди вистински пречек“, објави шпанскиот спортски весник „Марка“.

Истото издание потсетува дека целта е да се надмине прославата од 2010 година, кога Шпанија ја освои својата прва светска титула во Јужна Африка.

 

Во славјето се вклучи и кралското семејство. За време на фотографирањето со кралот Фелипе VI, дефанзивецот Марк Кукуреља ги насмеа присутните кога извика: „Да живее Шпанија!“

 

Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, призна дека градот речиси и не спиел по историскиот успех.

– Не спиев многу поради прославата. Мислам дека сите имавме многу кратка ноќ по ваков голем триумф – изјави Алмеида за шпанската радио-станица РНЕ.

Градските власти воведоа посебен безбедносен и сообраќаен режим, при што повеќе улици во центарот на Мадрид беа затворени за сообраќај за да може прославата да помине без инциденти.

По освојувањето на европската титула пред две години, Шпанците повторно имаат причина за масовна фешта, но овојпат славјето е уште поголемо. Мадрид го очекува уште една непроспиена ноќ во чест на своите нови светски шампиони.

Со оваа победа, Шпанија ја освои втората светска титула во својата историја, 16 години по триумфот во Јужна Африка, кога исто така со 1:0 по продолженија ја совлада Холандија.

Поврзани содржини