ПРЕГЛЕДАНИ НАД 200 ВОЗИЛА, НАЈДЕНА ДРОГА И ОРУЖЈЕ „Task Force“ уапси 13 лица во координирана акција
Во акцијата на полицискиот „Task Force“ биле извршени 13 претреси, проверени 197 возила и 295 лица, а уапсени се 13 осомничени.
Полицискиот Работен тим (Task Force) за борба против недозволената трговија со дрога спроведе координирана акција на територијата на целата држава, при што биле откриени поголема количина наркотични материи, оружје и приведени повеќе лица.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во текот на викендот биле реализирани 13 претреси, а полициските службеници извршиле проверки на 197 возила и 295 лица.
Како резултат на акцијата, 13 лица биле лишени од слобода, а полицијата пронашла и одзела 79 пакувања со наркотични материи.
При спроведувањето на активностите бил пронајден и пиштол „Глок 17“ со муниција.
Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека ваквите активности продолжуваат и во наредниот период.
„Продолжуваме со континуирани акции насочени кон откривање на сторители, разбивање на криминални мрежи и спречување на нелегалната трговија со дрога“, соопштија од МВР.
Оттаму додаваат дека борбата против недозволената трговија со дрога останува еден од приоритетите на полицијата, а акциите ќе продолжат и во наредниот период низ целата држава.