СТОП ЗА ТИК-ТОК И ЗА ИНСТАГРАМ ДО 15 ГОДИНИ Холандија повлекува црвена линија, родителите се согласуваат
Анкетите покажуваат дека дури 80% од холандските родители се согласуваат со ограничувањето децата да не користат паметни телефони и социјални мрежи пред да наполнат 15 години, а експертите предупредуваат на тешки последици по нивното физичко и ментално здравје.
Холандската Влада ќе им препорача на родителите да не дозволуваат на децата под 15 години да користат социјални мрежи, а својот прв паметен телефон да го добијат дури по завршувањето на основното училиште, објави НЛ Тајмс.
Овие препораки се дел од новите национални насоки за „Здраво користење екрани“, кои ги претстави државниот секретар Винсент Кареманс.
Препораките, кои се советодавни и не се правно обврзувачки, се однесуваат на апликации како Тик-Ток, Снепчет, Јутјуб, Инстаграм и Фејсбук.
Предлогот следува по притисокот од родители, научници и од мнозинството во холандскиот парламент за ограничување на пристапот на децата до паметни телефони и до социјални мрежи.
Во март, пратениците Ханеке ван дер Верф и Џеси Сикса Дајкстре предложија минимална старосна граница од 15 години и повикаа на координација со другите европски земји, како на пример, Данска и Франција, каде што се разгледуваат слични мерки.
Анкетите покажуваат дека 4 од 5 холандски родители ги поддржуваат ваквите ограничувања, додека експертите предупредуваат на сериозни ризици за физичкото и за менталното здравје на децата.
Новите насоки ќе содржат и препораки за времето што предучилишните деца го поминуваат пред екрани.