Кусогледост
За таквите наши кусогледи црни луѓе не постои подалечно минато коешто тие, во нивната миопија, не го гледаат односно (пре)познаваат. Тие самозадоволно оперираат со перцепцијата „на дофат на раката“ – или на кусогледото око, како сакате – заради што секогаш блиску им е Заев, па Шеќеринска, па Пендаровски… Кусогледоста е страотен проблем во аналитичката перцепција, особено на реалноста, политиката и др.
Кусогледоста, или миопијата, не е само физички офталмолошки проблем туку е и хаварија на видокружниот систем кај човекот. Што пак резултира и во целосно погрешни претстави во менталниот склоп на единката, насочувајќи ја перцепцијата само на она што му е познато и при рака, непосредно до него односно во негова близина – или близината на неговата меморија – додека сѐ друго му е замаглено. Особено она што е вон неговото историско видно поле. А таквите, за жал, изрично одбиваат да носат соодветни помагала.
Затоа, впрочем, нивниот видокруг запира до границите на нивната куса меморија, за нив не постои историјата туку некои само ним значајни сеќавања на настани и луѓе, на некакви „брда“ или на аутсајдери како праматарон Заев (кој треба да е пандан на Сиљановска, замислете) и Радев како некаков „lonely rider“ изгубен во соцреалистичката бугарска магла. За таквите наши кусогледи црни луѓе не постои подалечно минато коешто тие, во нивната миопија, не го гледаат односно (пре)познаваат. Тие самозадоволно оперираат со перцепцијата „на дофат на раката“ – или на кусогледото око, како сакате – заради што секогаш блиску им е Заев, па Шеќеринска, па Пендаровски… Кусогледоста е страотен проблем во аналитичката перцепција, особено на реалноста, политиката и др.
Ама, за жал, овие тоа не го гледаат, не можат да го видат заради „проблемот со очите“. Или со умот, сеедно. Затоа се и толку упорни, до лудило. И мислат дека сѐ гледаат, а не гледаат ништо подалеку од нивната кусогледост!
Токму затоа уживам да им подметнувам нешта што тие не можат да ги видат. Не сум лош бидејќи го злоупотребувам нивниот физички хендикеп туку сакам да кажам дека не можете да се занимавате со некои нешта ако имате личен проблем. Физички, идеолошки, политички, психолошко-патолошки… којшто ви попречува објективно да ги проценувате нештата! Поточно: и јас би сакал да трчам на сто метри под 9 секунди, ама не можам ни под пет минути!
Следствено, анализирајќи ги – иако е тоа пресилен збор! – поновите масовни трагедии во македонското општество, оние (особено) од типот на Кочани, но и на Тетово, Ласкарци, Струма… оние жртви припишани на КОВИД-от но не и на очајно лошо организираното и водено здравство, махинациите со вакцините итн., не можете да се правдате со кусогледиот хендикеп и да заборавате сѐ што се случувало претходно, но и вашето однесување во тој контекст! А македонските кусогледи црни луѓе го прават – токму тоа. Нивната кусогледа наивност, историска неписменост, аналитичка некадарност… не може да биде едноставно замената со навивачка страст, со поданичко полтронство, зашто тоа не води никаде, најмалку до некаква – вистина.
Се разбира, упорно велам дека секој има право на сопствена реалност, или „реалност“ (како сакате), но само на својот „личен простор“, или ум (ако повеќе ви се допаѓа). Диктатот на македонското политичко и општествено секојдневие не остава нималку место за розови интерпретации. Не само на совремието и историјата, туку и на иднината, како што, на пример, не така одамна посакуваше г-ѓата Агелер. Таа, меѓу редови, како да сакаше да ни сугерира дека нашата „иднина“ е веќе договорена. Не случајно соцреалистон Радев трубеше дека „Потребно е да се вратиме во реалноста, нашите односи ќе зависат од склучените договори“. Неговата „реалност“ е – таа. Ама сепак избега од средбата со Сиљановска Давкова!
Но, да речеме дека тоа е друга приказна, но повторно – видена кусогледо од нашава „пајтон интелигенција“! На која и унгарскиот министер за надворешни се обиде нешто да им појасни. Но залудно.
Меѓутоа, трагедијата во Кочани, но и сите оние други спомнати во тој контект, отворија едно страотно важно, но и суптилно општествено прашање, коешто само политиката и кусогледата „аналитика“ не можат да го видат: го отвори и прашањето на одговорноста на жртвата, односно на една специфична вина за трагедијата per se! А во таа насока, македонскиве кусогледи мораат да прочитаат барем неколку книги на Хана Арент за еврејството, за Ајхман, за вината и жртвата… ако ги држи кусогледиот вид. А би требало, нели, зашто барем знаат да читаат, ако не повеќе!?
А Хана Арент, како што доликува на луѓе од таков формат, се зафаќа со прашања големи како планина. Со еврејството, на пример, и Ајхман, и самовината – или „вината“, ако некому така повеќе му се допаѓа – на еврејската заедница за и во времето на Холокаустот. Или, со други зборови, а може и „упростено“, како што тоа го направи јавниот обвинител Коцевски: за „дискотеката на смртта (…) сите знаеле, но молчеле, не гледале и не слушале…)“! И тој молк не траел година или две, туку цели 13 години. И сите си ги пуштале децата во „дискотеката на смртта“ верувајќи дека Господ ги штити или неговите „пратеници“ на земјата во ликот и делото на политичките претставници на партиите. Дали некој барем се запрашал каде, и зошто и до кога ќе го испраќа детето во кочина, или штала, крстена како дискотека? И што направил по тоа прашање?!
Каков што беше и молкот на цела една Германија во времето на Втората светска војна за логорите на смртта. И за нив „никој“ не знаеше цели пет години! Уште помалку сакаа да знаат за милионските жртви во тие логори. Како што и цела Бугарија и денес молчи за нејзините „славни“ учества во црните коалиции во Првата и Втората светска војна, за злосторствата во Македонија, Србија и др..
Како што, впрочем, прашувала и Хана Арент кога пишувала за Холокаустот и соработката на некои т.н. еврејски совети со нацистите. Или, поконкретно, таа децидно ги обвинила и еврејските водачи дека нивната кооперативност со нацистите во голема мера придонела за размерите на масовните злосторства против Евреите. И, се разбира, била жестоко напаѓана токму од нејзиниот народ, дури ѝ се заканувале, а некои видни личности, на пример Siegfried Moses во името на Еврејскиот совет на Германија, ѝ „објавил војна“ барајќи од неа да го запре објавувањето на книгата „Ајхман во Ерусалим“. Таа, се разбира, одбила велејќи дека тоа многу повеќе би ги посрамотило Евреите од било што што таа рекла или би можела да направи!
И сега, како ни звучат деловите од обвинението што ги изрече јавниот обвинител Коцевски? Дека „дискотеката на смртта“ од 2012 до 2025 година работела во „никакви услови“, без решение за градба, како „чудовиште од објект“, без паркинг, без влез и излез за евакуација, без огноотпорни материјали, без проект за градба, без статика и сеизмика, без план за заштита при пожар и експлозија, без план за спасување итн.? Дека конструкцијата немала носивост, дека немала елаборат за кабарето…, дека тројца градежни општински инспектори ниту пошле во контрола, па уште помалку донеле одлука за рушење на дивоградбата која во градскиот детален урбанистички план не постои… итн., итн.?
Како наспроти ова ни звучат сега обвинувањата и барањата одговорност што некои ги упатуваат дури и до претседателката на државата, која е на таа должност само една година? Како обид за манипулација со одговорноста но и со реалноста, како свесна но кусогледа и контрапродуктивна махинација?
И токму тоа е „парадоксално“ што вакви прашања не поставуваат оние новинари што „вообичаено поставуваат незгодни прашања“, оние активисти „што не се помируваат со систем што затајува“, „интелектуалците што одбиваат да молчат“ и останатата кусогледа клиентела! И како без вакви прашања тие ќе „ја држат оваа земја во некаква функционалност“?
Извор: Теодосиевски уметност