СТОЈАНОВСКИ ОБВИНИ ДЕКА СДСМ И „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ГО ТРУЕЛЕ НАРОДОТ Филипче очекува брза и транспарентна истрага

СДСМ свесно го толерирале „Пуцко Петрол“ и овозможиле со РКМ во набавка на мазут да свртат стотици милиони евра, за што главна асистенција им правел директорот на ЕСМ во бегство, Васко Ковачевски, рече денеска пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

281

„Пуцко Петрол“ и СДСм го труеле народот, преку тендери од над 180 милиони евра за 7 години, обвини денеска пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

– 180 милиони евра завршиле само на сметката на „Пуцко Петрол“, без притоа да се пресметаат 167 милиони евра за мазутот кој преку РКМ е испорачан до ЕСМ, т.е. РЕК Битола и ТЕЦ Неготино. Доколку се погледне целата сума, се доаѓа до обрт од над 350 милиони евра кои СДСМ им ги овозможила на „Пуцко Петрол“, Јахоски и на РКМ – рече Стојановски на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.






„Пуцко Петрол“, додаде тој, 30 години имал статус на бела мечка во македонското општество, дозволено му било преку тендери да внесува што сака и како сака.

– Сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се стави крај на неговото криминогено однесување. И СДСМ, освен да молчи и да стои со наведната глава, нема право буква една да изусти. Затоа што криминалите ги правел во нивно време и тие го толерирале, а нивниот судско обвинителски систем сега му ги намалува мерките за обезбедување присуство. Тоа е истиот систем кој СДСМ го брани, а почива на погрешните кадри во Судскиот совет – рече Стојановски.

СДСМ свесно го толерирале „Пуцко Петрол“, додаде тој, и овозможиле со РКМ во набавка на мазут да свртат стотици милиони евра, за што главна асистенција им правел директорот на ЕСМ во бегство, Васко Ковачевски.

– „Пуцко Петрол“ и Асмир Јахоски беспрекорно функционираат на државните тендери додека СДСМ владее и во значаен дел од тендерите тие се и единствен понудувач. Разработената шема на Пуцко Петрол и СДСМ ги чини граѓаните и живот. Секогаш кога ќе помислиме на загаден воздух, тука се „Пуцко Петрол“ и РКМ да потсетат зошто е тоа така, но и кој е причината, која не смее да се повтори – рече Стојановски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција во партиското седиште рече дека очекува брза и транспарентна истрага околу случајот со „Пуцко Петрол“.

– Прво да кажам дека очекувам брза и транспарентна истрага и секој кој што го прекршил законот, треба да одговара. Апсолутно некоректно и непринципиелно да се доведува СДСМ во некаква врска со тие бизниси, со „Пуцко Петрол“ кога видовме дека во изминатиот период огромен број на постапки и тендери кај градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ од страна на нивни министерства ги добивала токму таа компанија. Очекувам брза и транспарентна истрага. Ќе повторам, секој кој што го прекршил законот, мора да понесе одговорност – рече Филипче.

 

 

Поврзани содржини