СРБИЈА Е ВКЛУЧЕНА ВО ПРОБЛЕМАТИЧНИ И ЕКСПЛОЗИВНИ ПРАШАЊА Оценка на Марко Рубио за однесувањето на Белград
Во американскиот Конгрес поднесен е предлог-одлука со која се бараат мерки против Србија поради „сериозни назадувања во демократијата и владеењето на правото, како и соработката со Русија, Кина и Иран“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека неговата земја „сака да го продлабочи“ своето стратегиско партнерство со Србија, изрази надеж дека ќе „има можност“ да ја посети, но исто така истакна дека Србија е вклучена во „потенцијално проблематични и експлозивни прашања кои привлекуваат меѓународно внимание“, пренесува Радио слободна Европа.
– Јасно е дека Србија е вклучена во одредени прашања кои се потенцијално проблематични и експлозивни, а кои привлекуваат меѓународно внимание – изјави американскиот државен секретар.
Тој изјави и дека САД „сакаат да го продлабочат“ своето стратегиско партнерство со Србија, па додаде: „И ние имаме намера да го сториме тоа, а во исто време да ги решаваме потенцијалните проблеми кои би можеле да се појават, за кои знам дека длабоко ја загрижуваат самата Србија“.
Тој спомна дека претставници на Стејт департментот и други владини агенции веќе ја посетиле Србија.
– Се надевам дека ќе имам можност да ја посетам – рече Рубио.
Во јули, САД и Србија потпишаа Меморандум за разбирање за енергетска инфраструктура и регионална енергетска безбедност во рамките на процесот на стратегиски дијалог кој се одржува во Вашингтон. Средбата меѓу американските и српските претставници тогаш ја отвори токму американскиот државен секретар Рубио.
Во август, пак, републиканските и демократските членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес поднесоа предлог-закон со кој се бараат мерки од САД во врска со Србија поради „сериозни назадувања“ во демократијата и владеењето на правото, како и соработката со Русија, Кина и Иран.
Според предлог-законот, Србија доживува сериозно назадување во областа на демократијата, што е одразено во Извештајот за човековите права за 2024 година и Извештајот на Европскиот парламент за Србија за 2025 година, во кои се наведуваат значајни проблеми со владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и корупцијата.
Предлагачот на предлог-законот, републиканецот Џо Вилсон, изјави дека Србија под претседателот Александар Вучиќ „намерно се оддалечува сè повеќе и повеќе од владеењето на правото и се приближува до непријателите на слободата, како што се воениот злосторник (рускиот претседател Владимир) Путин, Комунистичката партија на Кина и терористичкиот режим во Техеран“, пренесува РСЕ.
Иако е кандидат за членство во Европската Унија, Србија речиси пет години не отворила ниедно ново поглавје од преговорите во процесот на пристапување, меѓу другото и поради недоволен напредок во областа на владеењето на правото, како и поради неусогласување на својата надворешна политика со ЕУ.