Спасовски: Не се исклучува можноста за нови 14 дена вонредна состојба
Последната трета одлука за вонредната состојба, во траење од 14 дена (за разлика од претходните две одлуки што траеја по 30 дена), истекува в сабота, на 30 мај. Во случај, вонредната состојба да биде продолжена за нови 14 дена, тогаш 22. ден би бил точно на 5 јули (недела).
Техничкиот премиер повтори вечерва дека изборниот термин е детерминиран од завршувањето на вонредната состојба, но не го спомна 21 јуни како датум кога би требало да се оди на гласање, доколку нема ново продолжување на вонредната состојба
– На граѓаните им треба функционално Собрание. Датумот на одржување на изборите е одреден со Уредбата со законска сила. Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба за 22 дена треба да се одржат избори во Северна Македонија. Тоа е фактичка ситуација. Затоа изборите треба да се реализираат во првиот можен рок. Мораме да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во оној рок кога ќе има најмногу услови. Една од одговорностите на оваа Влада е што побрзо да им ја обезбедиме новата нормалност на граѓаните. Сите кои се спротиставуваат на новата нормалност придонесуваат земјата да ни остане во здравствено-економска криза, а тоа не е одговорно однесување – рече Спасовски.
Сепак, премиерот не го спомна 21 јуни како датум за одржување на изборите, односно како дваесет и втор ден – доколку во сабота нема нова одлука за продолжување на вонредната состојба. Исто така, Спасовски, и на прес-конференцијата, како и во изјавата во текот на денот, не исклучи можност Владата да поднесе уште еден предлог до претседателот Стево Пендаровски, со цел продолжување на вонредната состојба.
Последната трета одлука за вонредната состојба, во траење од 14 дена (за разлика од претходните две одлуки што траеја по 30 дена), истекува в сабота, на 30 мај. Во случај, вонредната состојба да биде продолжена за нови 14 дена, тогаш 22. ден би бил точно на 5 јули (недела). Тоа е датумот што овие денови се почесто се спомнува како можен термин за одржување на 10. парламентарни избори, откако ВМРО-ДПМНЕ најави и можен бојкот доколку се оди на гласање во јуни.
– Изборите не се поврзани со вонредната состојба, туку со Уредбата со законска сила се стопираат изборите додека трае вонредната состојба. Ако побараме продолжување на вонредната состојба, тоа ќе биде исклучително за донесување на преостанатите мерки за справување со последиците од корона-кризата. Веќе се прават анализи за тоа и се разговара со Комисијата за заразни болести и други надлежни институции. Сепак, на крајот, прво на претседателот на државата е да одлучи дали ќе донесе уште една одлука за утврдување вонредна состојба, доколку Владата одлучи да го побара тоа – изјави вечерва техничкиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање.