ЈСП ЌЕ СЕ БОРИ МАШКИ СО КРИЗАТА Билетите за градскиот превоз нема да поскапат

Како што знаете јавните претпријатија се создадени да им служат и да се во интерес на граѓаните, некогаш економската логика е таа, меѓутоа ќе гледаме со максимални заштеди да можеме тие загуби да ги покриеме, ни изјави в.д. директорот на ЈСП, Иван Илиевски.

713

Драстичниот скок на цените на горивата, како на светските пазари, така и кај нас, вчера резултираше со панично однесување на граѓаните кои почнаа да прават колони пред бензинските пумпи чекајќи ред да наполнат гориво по сè уште старата цена.

Новата цена на горивата предизвика и дополнителна загриженост кај граѓаните, барем кај оние кои ги користат услугите на градскиот превоз во Скопје за евентуално поскапување на билетите, но од ЈСП ја смируваат „топката“, нова цена на билетите нема да има.






Независно од порастот на цената на горивата, ЈСП Скопје не размислува за покачување на цените на услугите за користење на јавен превоз.

– Ќе гледаме машки да ја издржиме оваа криза во интерес на граѓаните на Град Скопје, колку што можеме. Како што знаете јавните претпријатија се создадени да им служат и да се во интерес на граѓаните, некогаш економската логика е таа, меѓутоа ќе гледаме со максимални заштеди да можеме тие загуби да ги покриеме – ни изјави в.д. директорот на ЈСП, Иван Илиевски.

Директорот Илиевски ни изјави дека во моментов не се планира ниту укинување на бесплатниот превоз на групите граѓани кои ја користат оваа бенефиција.

– Не планираме такво нешто. И натаму средношколците и студентите (оние кои ги исполнуваат условите за бесплатен јавен превоз), ќе продолжат да ги користат бенефициите за користење на јавен превоз без надомест. Впрочем, за бесплатен превоз за посочената категорија на патници, ЈСП Скопје добива наменски субвенции – вели Илиевски.

На нашето прашање, како ЈСП Скопје планира да се справи со зголемените трошоци за гориво, директорот Илиевски ни одговори дека тоа ќе го направат како и досега.

– Тука е безрезервната поддршка и субвенциите од Град Скопје, а истовремено со рационално и домаќинско трошење, односно оптимизација на трошоците на претпријатието – вели Илиевски.

Според одговорите коишто ги добивме може да се заклучи дека и натаму остануваат на сила старите цени на билетите кои може да се најдат на веб страницата на ЈСП Скопје.

Па така билет купен во возило за едно возење за сите линии е 35 денари, а 40 денари ако се плати од мобилен телефон. Ноќен билет за едно возење за сите линии е 40 денари, а купен од мобилен 50 денари. Билет за 10 возења за 15 дена е 250 денари за градски линии и 300 денари за сите линии. Временски билет од 90 минути за повеќе возења, само од електронски паричник, преку валидатор, за сите линии е 60 денари. Еден дневен билет за автобус само од електронски паричник преку валидатор за градски линии е 120 денари и 150 денари за сите линии. Месечен билет за сите линии е 1.050 денари за ученици и студенти, сезонски билет за јули и август за ученици и студенти е 600 денари.

Поврзани содржини