СО ВОЗИЛО ГО ВЛЕЧЕЛ ЦАРИНИКОТ НА БЛАЦЕ, ПОБЕГНАЛ СО КИЛОГРАМ МАРИХУАНА Поднесена кривична пријава против косовски државјанин
Осомничениот се обидел да избега за време на царинска контрола, при што повлекол царински службеник со возилото. По десетминутна потера бил приведен, а полицијата пронашла околу еден килограм марихуана и ладно оружје.
Косовски државјанин е лишен од слобода откако на граничниот премин Блаце, за време на царинска контрола, насилно се обидел да избега со автомобил во кој криумчарел дрога, при што го довел во опасност животот на царински службеник кој го запрел за детална проверка.
Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, двете казниви според Кривичниот законик.
„На 15 јули, во вечерните часови, царинските службеници на граничниот премин Блаце го запреа за царинска контрола сега приведениот Р.Е. Контролата ја извршуваа двајца царински службеници, при што лицето било повикано да го отвори багажниот простор на возилото за проверка. Во моментот кога осомничениот забележал дека еден од царинските службеници ја видел кесата под совозачкото седиште и се обидел да ја провери, влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го запре“, соопшти Царинската управа.
Веднаш била повикана граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресекла патот на осомничениот и го лишила од слобода. Тој бил предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа, кое по спроведените истражни дејствија поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје.
За време на бегството, осомничениот ја фрлил кесата со дрога, која подоцна била пронајдена во близина на местото каде што бил приведен. По наредба на јавен обвинител, дрогата била испратена на вештачење, при што било утврдено дека станува збор за околу еден килограм марихуана. При претресот кај осомничениот било пронајдено и ладно оружје.
„Царинскиот службеник кој беше повлечен при обидот да го спречи бегството на осомничениот се здоби со лесни телесни повреди. Двајцата царински службеници кои учествуваа во интервенцијата на граничниот премин Блаце се пример за секојдневната храброст што вработените ја покажуваат во извршувањето на своите должности со цел заштита на државата“, соопштија од Царинската управа.