СЛУЧАЈОТ СО НЕЛЕГАЛНИ БОТОКСИ ДОБИ НОВ ЗАПЛЕТ Предложени мерки за уште четири лица, меѓу нив и двајца лекари

По претреси во две здравствени установи и на уште три локации во Скопје, истрагата за нелегалните ботокси е проширена за четири нови осомничени. Меѓу приведените во најновата акција има и двајца лекари.

0

Истрагата за случајот со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и помагала, познат во јавноста како аферата со ботоксите, доби ново продолжение. Основното јавно обвинителство објави дека истрагата е проширена за уште 4 осомничени лица. Меѓу приведените, пак, во најновата акција има и двајца лекари.

По првичната полициска акција спроведена oд 23 април, сомневањата се дека групата во Македонија ги внесувала средствата преку нелегални канали од Кина, Турција и од Србија.






„Во рамки на истражната постапка вчера биле извршени претреси на пет локации во Скопје, меѓу кои и во две здравствени установи. Во акцијата биле приведени три лица, меѓу нив и двајца лекари“, соопшти ОЈО денеска, 7 јули.

Врз основа на обезбедениот доказен материјал, јавниот обвинител донел Наредба за спроведување истражна постапка против 4 лица. Тројца од осомничените се гонат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека четвртото лице е осомничено за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на сите четворица осомничени им определил мерки на претпазливост.

Предметот беше отворен во април годинава, кога Обвинителството поведе истрага против 17 физички и шест правни лица поради сомнение за инволвираност во кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“.

Препаратите, кои често се користеле под превезот на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици – инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на граѓаните.

Од Обвинителството информираат дека истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална вмешаност и на други лица.

 

УВЕЗУВАЛЕ ФАЛСИФИКУВАНИ БОТОКСИ, ФИЛЕРИ И ДРУГИ ПРЕПАРАТИ Полицијата апси организирана криминална група во која е можно да има и лекари

 

Поврзани содржини