Слепи при очи

Кога во една вака распарталена „држава“ каква што е Македонија денес навистина би постоела волја важните нешта да се подобруваат преку некакви (само) прогласени „преседани“ какви што се спомнатите, ние би можеле „државава“ да ја доближиме до идеална европска демократија за нецел месец.

787

Новата 2024 година, веќе во првиот месец, ќе ни донесе два „историски преседани“ кои ние, слепи при очи како и правдата, ќе (мора да) ги прифатиме. Првиот е одлуката на Судскиот совет за фамозниот „преседан“ викан претседателка на Врховниот суд, а вториот – враќањето на стручната соработничка на чело на тој Судски совет. Каков почеток!

Кога во една вака распарталена „држава“ каква што е Македонија денес навистина би постоела волја важните нешта да се подобруваат преку некакви (само) прогласени „преседани“ какви што се спомнатите, ние би можеле „државава“ да ја доближиме до идеална европска демократија за нецел месец. Како? Лесно. Само треба дневно да решаваме два-три „преседани“ во една област (судство, образование, здравство, наука, култура …), што ќе донесе целосен пресврт од најлоша во најдобра европска држава! И нештата понатаму ќе одат мазно во насоката којашто сме ја одбрале. Ама дали со тоа навистина сме решиле нешто или целата „држава“ сме ја потврдиле како – преседан?






На пример, да претпоставиме дека она што го кажа претседателката на Врховниот суд дека токму исходот од постапката против неа ќе ја одреди иднината на судството во земјата е – точно, па следствено Судскиот совет го прифати ова како некаков аргумент и ја запре постапката, што тоа би значело? Дека веќе од утре судовите во „државава“ ќе судат според правото и правдата? Дека нема да има политички судии, дека нема да има притисоци од власта, дека нема да има тефтерчиња …? Дека нема да има ни стручни соработнички за претседатели на Советот? Извинете, ама толку ли е наивна г-ѓа Адеми или мисли дека ние сме наивни? Па и глупави, слепи при очи, што ли? И не само што таа, изгледа, така мисли туку истото го мислат и оние (за среќа не така бројни) застапници на таа смешна теза.

Меѓутоа, постапката против претседателката на Врховниот суд е само форма, а суштината е – нејзиното континуирано отсуство од седниците на Судскиот совет каде (по функција) членува. Како што, впрочем, и онаа „пресуда“ на Управниот суд е само форма, а суштината е – повторно враќање на некомпетентен лик на чело на (нај)важно правосудно тело! Што е наша историска приказна, а за што честитки упати дури и министерот за правда!?!

Но сепак, поинтересен е „случајот Адеми“. Поточно, никој – барем не јавно – не ја обвини претседателката на Врховниот суд за ништо друго освен за игнорирање на работата на Судскиот совет и (условно) за непрофесионалност и прекршување на некаква работна дисциплина. Зошто тогаш некој, па и „обвинетата“, сака „случајот“ да го претстави поинаку и да се прикаже себеси како некаква жртва? Жртва – на што, и – за што?

Коекакви „експерти“ ја бомбардираа(т) јавноста дека таа е „обвинета“ заради некакви изречени нешта во некакво интервју. Што ќе рече дека кај нас, во завиена форма, е на сила вербален деликт? Можеби, но зошто тоа никој не го кажува отворено?

Меѓутоа, што е тоа толку страшно, но и значајно за „државава“, што го кажала почитуваната претседателка? Дали е тоа онаа соцреалистичка флоскула дека некој, некаде, правел нешто односно, со нејзини зборови, дека „постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт“?! Ма дајте, ве молам, па зарем тоа доликува на претседателка на Врховен суд? Какви црни преседани, какви глупости! Да го кажал тоа вратарот на судот – разбирам, ама претседателка? Во истиот познат провинциско-озборувачки манир на „претседателот“ на државата?!

И што разбра јавноста од ова епохално глувонемо „откритие“ на претседателката: кој правел „обиди за директно мешање на политиката и на другите власти“? Премиерот, некој министер, заменик министер, партиски лидер …, кој? Или сега ќе си играме мижитатара или некаква игра на погодување? Па што е оваа држава, детска градинка, власт со посебни потреби, збирштина на глувонеми луѓе …? До кога вакви луѓе ќе нè шетаат по кровови, ќе се прикажуваат како нечии и некакви жртви за нешто што – не постои? Зашто, во крајна линија, „констатацијата“ на претседателката би ви ја кажал – дури и во поостра форма – и секој граѓанин на оваа земја!

Но, повторно, претседателката, колку што е познато, не е повикана во Судскиот совет заради некаква нејзина „изјава“ туку заради неоправдано недоаѓање на седниците на Советот. И зарем вистински преседан и „одредување на иднината на судството во земјата“ не е ако се премине туку-така преку тоа и такво нејзино однесување? Или, поточно, што ако сите во државава самоволно престанеме да си ги исполнуваме преземните обврски, да не доаѓаме на работа, да не ги извршуваме должностите пропишани со закон …? Повторно, што е тука форма а што – суштина? И зошто г-ѓа Адеми би била изземена од таа суштина? Заради „ставот“ на Венециската комисија? Заради тоа што на гости ѝ била американската амбасадорка?

За жал, и сосема „во духот“ на соцреалистичките флоскули на претседателката за некој, нешто и некаде, се и обидите на „стручната“ јавност да манипулира со оваа постапка. На пример, некаков „експерт“ односно професор на Правен факултет кој – во стилот на Адеми – сака да остане анонимен (sic!), говори за некаков преседан што „(…) праќа јасна и директна порака до сите останати судии“! Ма није ваљда, што би рекле северните соседи.

Па каков е тој преседан со далекусежни последици ако некој, прво, е повикан да го објасни своето континуирано игнорирање на Судскиот совет, и второ, ако јавно премолчува притисок, незаконско однесување, па и криминал, корупција …? „Пораката е дека интегритетот, пркосот и отпорот се очигледно непожелни“, вели анонимниот „професор“ кој, очигледно, уште не прогледал! Небаре ние бевме соочени со наплив на интегритет и отпор во македонското судство, па сега ова ќе ја сопре таа акција. Па оваа „држава“ живее без интегритет, пркос и отпор од 1991 година, оваа „држава“ е прчија на глувонеми луѓе и власти со посебни потреби. Меѓу нив и потребите од ликови кои говорат во „суштинската“ форма на некој, некаде, некогаш …, и така доаѓаат до највисоките државни позиции!

Ако барањето одговорност за недоаѓање на седници е навистина некаков преседан што праќа порака „дека интегритетот, пркосот и отпорот се очигледно непожелни“, тогаш каква порака праќа забошотувањето на таквото однесување? Или оправдувањето на истото? Како ли би одговорил анонимниот „професор“?

Или, ако претседателка на Врховен суд си дозволува да се однесува така комотно, а згора оперира со флоскули од типот некој, некаде, некогаш како „аргумент“ за дискусија, што останува за нас обичните смртници, како ние да се однесуваме кон оваа власт? Дали и ние треба да станеме глувонеми како власта и/или слепи при очи? Треба ли, навистина, и понатаму да толерираме секакви испади и недемократско однесување на високи претставници на власта, па и да „голтаме“ онакви „експертски“ сугестии од анонимни „професорчиња“?

Се разбира, на крај памет не ми паѓа да застанувам зад „работата“ на овој и ваков – смешен, партизиран, манипулативен, контроверзен и крајно избламиран – Судски совет, уште помалку зад можните мотиви и/или потенцијални партиски нарачки на оваа судска „игранка“. Но, кога и тој и таков Судски совет е во право, можете да замислите на какви ниски гранки спаднала „другата страна“. И за што се залага односно што брани! Впрочем, го брани она што одамна е суштината на оваа „држава“ и оваа глувонема власт: страотно банализирање на волунтаризмот и непрофесионалноста, затскривање зад типизиран „староговор“ од времето на соцреализмот, злоупотреба на странски дипломатски претставници итн. И безобразно потценување на сопствениот народ!

Поврзани содржини