СЛАВЕСКИ ИМА ПОДДРШКА ОД БИЗНИСОТ Се очекува стабилен курсот на денарот и девизните резерви поставени на национално ниво
Комората од Славески очекува и продлабочување на соработката со реалниот сектор, посебно во делот на добивањето реални податоци врз основа на кои би се испорачувала и реална проценка на ситуацијата.
Стопанската комора смета дека новиот гувернер Трајко Славески ќе ги исполни очекувањата на бизнисот и дека Народната банка раководена од него ќе продолжи да работи самостојно и професионално.
Како што рече денеска претседателот на Комората Бранко Азески, за бизнисот е многу важна стабилноста на курсот и девизните резерви да бидат поставени на национално ниво.
Комората од Славески очекува и продлабочување на соработката со реалниот сектор, посебно во делот на добивањето реални податоци врз основа на кои би се испорачувала и реална проценка на ситуацијата.
-Ние секогаш сме имале став дека Народната банка е многу значајна институција за општата стабилност на државата и за водење на бизнисот и секогаш сме имале почит и респект кон неа. Долги години наназад нејзината самостојност е загарантирана и на некој начин докажана во работењето. Мислиме дека тоа ќе продолжи зашто изборот на личностите тоа го гарантира – рече Азески, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Тој рече дека бизнисот бара да добива реални проценки за да ја знае вистинската ситуација.
-За нас е многу битно да кажат – продолжи стабилноста на курсот, девизните резерви да бидат на национално ниво поставени, обезбедени и на некој начин очекуваме од новиот гувернер да ја продлабочи соработката со реалниот сектор на начин што во градењето на проекциите за монетарната политика ќе има барем некаков оддел во Народната банка специјализиран за истражувања на елементите потребни за градење на ставот на Народната банка по клучните задачи кои неа и се поставени, тоа значи дека ние во тој процес би помогнале, но суштината е да се добиваат реални податоци кои ќе испорачуваат реална проценка на ситуацијата. Се работи за многу професионална и многу значајна институција, мислиме дека Славески со кој сме имале добра соработка ќе го овозможи тоа и ќе ги исполни нашите очекувања – рече Азески.
Трајко Славески е предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за гувернер на Народната банка, кој е испратен до Собранието.