СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Е МЕЃУ НАЈБРЗОРАСТЕЧКИТЕ ВО РЕГИОНОТ Новите линии донесоа 375.000 патници повеќе
Скопје забележало најголем раст меѓу регионалните аеродроми во првите пет месеци од годината, додека Македонија е најбрзорастечкиот авиопазар во поранешна Југославија, пишува „Екс-Ју Авиејшн“.
Македонија е најбрзорастечкиот авио-пазар во поранешна Југославија во првите пет месеци од годинава, а скопскиот аеродром е апсолутен лидер во регионот според растот на бројот на патници, објави специјализираниот портал „Екс-Ју Авиејшн“.
Според анализата, 21 комерцијален аеродром во земјите од поранешна Југославија од јануари до мај опслужиле повеќе од 13,1 милиони патници, што е за над еден милион повеќе во однос на истиот период лани.
Скопје додало 360.000 патници
Најголемиот раст го забележал скопскиот аеродром, кој во споредба со минатата година опслужил дополнителни 360.589 патници. Само во мај низ скопскиот аеродром поминале 355.929 патници, што претставува годишен раст од 28,6 проценти.
Според „Екс-Ју Авиејшн“, зад ваквиот резултат стои пред сè проширувањето на мрежата на „Виз Ер“ во Македонија.
Македонија пред сите во регионот
Во првите пет месеци од годината Македонија добила дополнителни 375.766 патници, повеќе од која било друга држава од поранешна Југославија. Во исто време, некои регионални аеродроми се соочиле со пад на сообраќајот.
Приштина веќе бележи намалување на бројот на патници, додека дел од хрватските крајбрежни аеродроми беа погодени од прекин на одредени домашни линии.
Речиси два милиона патници за шест месеци
Скопскиот и охридскиот аеродром во периодот од јануари до јуни заедно опслужиле 1.955.648 патници, што е за 28 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
Во истиот период биле реализирани 13.167 летови, односно 7,6 проценти повеќе во споредба со првата половина од 2025 година.
Надлежните очекуваат двата македонски аеродроми годинава да надминат 3,5 милиони патници, а во блиска иднина да ја достигнат и границата од четири милиони.