СКАНДАЛОТ СО ТАЈНИТЕ СНИМКИ ЈА ТРЕСЕ СЛОВЕНИЈА ПРЕД ИЗБОРИТЕ Сечени, лепени и монтирани, ама многу незгодни
Дел од тајните аудио-снимки биле дистрибуирани преку Фејсбук профил од Македонија, додека учесниците тврдат дека материјалите се монтирани или изменети со АИ. На удар е Зоран Јанковиќ, градоначалникот на Љубљана.
Аферата со наводно тајно снимени разговори на словенечки политичари, бизнисмени и влијателни личности продолжува да ја потресува јавноста во Словенија. На социјалните мрежи во последните денови се појавуваат нови аудио-снимки од приватни разговори, а дел од нив предизвикаа силни политички реакции и отворија прашања за нивната автентичност.
Кои се тие „10 проценти“ на Зоран Јанковиќ, градоначалникот на Љубљана?
Најновиот случај се однесува на познатата словенечка адвокатка Нина Зидар Клеменчиќ, чиј разговор бил објавен на анонимен профил на интернет. Во аудио-снимката, која наводно е направена без нејзино знаење, таа зборува за влијателни личности во Словенија, меѓу кои и за долгогодишниот градоначалник на Љубљана, Зоран Јанковиќ. Во дел од разговорот се слуша реченица дека „Јанковиќ има свои десет проценти и тоа е тоа“.
Адвокатката потврди дека разговорот навистина се случил, но тврди дека објавената верзија не ја прикажува вистинската содржина. Според неа, станува збор за манипулиран материјал.
Снимката е автентична, ама монтирана
„Снимките од подолг разговор се извадени од контекст и манипулативно премонтирани“, изјави Зидар Клеменчиќ, додавајќи дека не сака да биде дел од, како што вели, „монтирана приказна“ која може да има политичка позадина.
Таа објасни дека средбата се одржала во ресторан со лица кои се претставиле како деловни партнери и кои биле поврзани со американска консултантска фирма. Интересно е што веб-страницата на таа фирма, според медиумските извештаи, исчезнала од интернет веднаш по објавувањето на снимките.
Сè почна од Фејсбук профил од Македонија
Ова не е единствениот случај. Во претходните денови на интернет се појавија и снимки од разговори на поранешната словенечка министерка Доминика Шварц Пипан. Во нив таа наводно зборува за политички влијанија и за тоа кои личности имаат реална моќ во словенечката политика.
И двете, и адвокатката и поранешната министерка, тврдат дека разговорите се вистински во смисла дека се случиле, но дека објавените фрагменти се селективно исечени и монтирани на начин што создава поинакво значење од оригиналниот разговор.
Дополнителна контроверза предизвика информацијата дека дел од снимките биле дистрибуирани преку Фејсбук профил администриран од Македонија. Токму преку таа страница, според медиумски извештаи, почнале да се појавуваат аудио-материјалите кои подоцна масовно се проширија на социјалните мрежи и во словенечките медиуми, што отвори прашања дали станува збор за координирана операција од странство.
Дали се вмешала и вештачката интелигенција?
Поради тоа, дел од политичарите и аналитичарите предупредуваат дека може да станува збор за обид за надворешно влијание врз словенечкиот политички процес, особено во период на засилени политички тензии.
Во јавноста се појавија и шпекулации дека дел од аудио-содржината можеби е дополнително изменета или дури генерирана со помош на вештачка интелигенција. Експерти за дигитална форензика предупредуваат дека современите АИ-алатки можат многу реалистично да имитираат човечки глас и да создадат убедливи аудио-манипулации, што го прави утврдувањето на автентичноста исклучително сложено без детална техничка анализа.
Јанковиќ е главна мета
Во центарот на скандалот индиректно се најде и Зоран Јанковиќ, долгогодишниот градоначалник на Љубљана и една од најконтроверзните фигури во словенечката политика. Во минатото тој бил предмет на повеќе истраги и обвиненија поврзани со злоупотреба на службена положба и финансиски нерегуларности, кои постојано ги негирал.
Токму затоа изјавата од снимката за „десет проценти“ предизвика силни реакции во словенечката јавност, иако засега нема потврда дека цитатот е точен или дека разговорот е целосно автентичен.
Во овој момент остануваат повеќе отворени прашања – кој ги снимал разговорите, кој ги објавува на интернет и дали материјалите се целосно автентични или делумно манипулирани. Словенечките медиуми и институции веќе најавуваат можни истраги, а аферата се претвора во еден од најголемите политички скандали во земјата во последните години.