Скандал во Нов Зеланд: Македонски носии политички неподобни за македонското друштво

Дваесет македонски носии со раскошен, автентичен вез и со исто толку рала опинци и чорапи, кои се дел од нашето културно-уметничко творештво наместо да ги носат македонските играорци кои живеат во далечниот Нов Зеланд и да ја претставуваат македонската култура, со години стојат неупотребни поради неразбирливи политички изговори.

8,494

Два пакета традиционални рачно изработени македонски носии кои се дел од уникатен проект со години стојат неотпакувани во домот на Сион Ставровски, Македонец кој живее во Окленд, Нов Зеланд, затоа што раководителите на тамошното македонско играорно друштво одбиваат да ги примат од причини што никој во оваа тажна иселеничка приказна не може да ги разбере. Наводно, како што ни откри Ставровски, кој е иницијатор на проектот, кога стасале македонските носии од Македонија во Нов Зеланд во играорното друштво биле одбиени затоа што раководителката „не сакала ништо да има, ниту да прима од македонската влада“. Проектот е реализиран пред околу четири години.

Ставровски со кого разговаравме утрово вели дека кога ги отпакувале македонските носии плачел од радост што тоа богатство со непроценлива вредност ќе го видат децата, внуците на иселените Македонци во Нов Зеланд, а сега плаче од мака што не може да им се израдуваат и со нив да извијат македонско оро играорците од македонското друшто во Окленд каде тој живее веќе 23 години.






Македонските носии вкупно дваесет со раскошен, автентичен вез и со исто толку рала опинци и чорапи, кои се дел од нашето културно-уметничко творештво наместо да ги носат македонските играорци кои живеат во далечниот Нов Зеланд и да ја претставуваат македонската култура, со години стојат неупотребни поради неразбирливи политички изговори.

– Во овие тешки времиња за татковината кога сите наши соседи, помогнати од внатрешни колаборатори, ни го негираат нашето постоење, нашето име, нашиот  јазик, во Нов Зеланд има една рака индивидуалци, који сакаат да ни ја негираат нашата култура, обичаи, нашите вековни облекла и традиции – вели Ставровски.

Тој ни раскажа дека пред околу четири години заедно со Друштвото на Македонци во Нов Зеланд, помогнато од невладината организација Нов контакт и професорот д-р Златко Николоски успеале преку конкурс што го објавиле македонските власти за сите македонски друштва низ светот, да добие 4.500 евра за проектот „Македонски носии“. Во тој период и уште други 40 друштва од сите македонски националности добиле помош, но како што вели Ставровски, проектот со македонските носии бил уникатен не само според идејата, туку и во реализацијата.

– Проектот беше славен низ сите македонски друштва низ светот, како уникатен и единствен. Со двете раце го прифатија кога слушнаа во македонската амбасада во Канбера. Уникатно е тоа што носиите се рачно изработени во Македонија и од Македонци, и по тоа што сите пари останаа во нашата татковина. Нов Контакт плати за ДХЛ пратката, за ние да ги имаме тука денес. И наместо да им се радуваме и во нив да уживаат нашите играорци, македонските носии во пакети стојат дома кај мене само затоа што две лица политички настроени го приватизираат друштвото – сведочи Ставровски кој вели дека направил неколку напори да им ги предаде носиите на играорното друштво, но немало разбирачка од нивна страна.

– Двете сестри кои го водат играорното друштво кои цело време нѐ опструираа, повторно ме блокираа – вели Ставровски.

Со тага затоа што не успеал да се избори со опструкциите вели дека ако не добие гаранции дека  македонските носии ќе завршат во вистински раце ќе ги подари.

– Ова е последниот крик. Ако не добијам позитивен одговор од друштвото, во наредниот период ќе бидам принуден да ги подарам на Македонскиот музеј или на друштвата во Албанија, Бугарија или низ светот – вели тој.

Нејасно во случајов е тоа што тие што го опструирале преземањето на носиите, биле вклучени од самиот почеток во проектот сѐ до моментот кога требало да се потпише.

– Во Нов Зеланд има околу 1.000 македонски семејства, а опструкции прави само ова едно семејство. Тие дури и не им кажале на играорците дека имаме носии, а беа вклучени во проектот од самиот почеток. Кога стасаа носиите во Окланд и кога требаше да се потпише, тогаш ни рекоа дека бордот не сака да има ништо со оваа влада. Наместо да го славиме ова непроценливо македонско богаство кое како и македонскиот јазик е најголемо сведоштво за постоењето на Македонија и на македонскиот народ, наместо да ги носиме на културни настани, да ги гледаат луѓе од цел свет, наместо да опстојуваат низ годините, да ги носат нашите деца и внуци, овие носии со вековна традиција сега стојат неискористени – вели Ставровски.

Овој случај со скандалозна негрижа за македонското национално богаство ќе го истражат македонските власти и ако има простор за реакција ќе се обидат да помогнат за македонските носии да стасаат на вистинското место за кое биле наменети.

Поврзани содржини