СИНОТ НА ТРАМП СЛЕТА ВО БЕЛГРАД, СЕ СРЕЌАВА СО ВУЧИЌ Трамп Јуниор е протагонистот кој ги влече конците во администрацијата на татко си
Трамп Јуниор го користи своето влијание за да ги поддржи клучните политички сојузници на неговиот татко. Се смета и дека тој го предложил Џеј Ди Венс за потретседателската функција. Поддршката која ја има од клучните десничарски лидери го прават потенцијален наследник на татко си.
Доналд Трамп Јуниор, син на американскиот претседател, е еден од најмоќните луѓе во САД и централна фигура во конзервативното движење МАГА кое се собира околу неговиот татко. Трамп Јуниор во моментот е на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ за која Вучиќ најави дека ќе ја отвори економската соработка меѓу двете земји.
Се смета дека синот на Трамп има големо влијание во новата администрација на неговиот татко Доналд Трамп. Неговото влијание се протега на сите клучни аспекти на американската политика, од водење на семејната бизнис империја, преку активно учество во политички кампањи, до неформална, но моќна советодавна улога во Белата куќа.
Архитект на империјата Трамп
Трамп Јуниор исто така одигра огромна улога во изборната кампања на татко му и се смета за еден од клучните архитекти на неговото враќање на власт. Неговата улога во новата администрација, иако формално неименувана, во суштина го става меѓу најмоќните луѓе во Америка. На американската политичка сцена, тој е препознаен како директен, остар и бескомпромисен борец за идеите на конзервативната десница и неформалниот лидер на движењето МАГА.
Роден е на 31 декември 1977 година во Њујорк и е најстариот син на Доналд и Иванка Трамп. Уште од мал бил изложен на строгиот деловен режим на татко му и од прва рака дознал за светот на недвижностите, финансиите и на инвестициите.
Бизнис, бизнис и уште бизнис
Дипломирал финансии и недвижнини на Универзитетот во Пенсилванија („Wharton School“), престижно економско училиште, каде што се стекнал со основа за водење на бизнисот што подоцна ќе го наследи. Веднаш по дипломирањето, тој се приклучи на Организацијата Трамп, каде постепено зазеде клучни позиции и учествуваше во развојот на големи деловни проекти ширум светот.
Трамп Џуниор денес е извршен потпретседател на Организацијата Трамп и заедно со неговиот брат Ерик Трамп ги надгледува сите клучни операции на семејниот бизнис, од проекти за луксузни недвижнини во САД и во странство до угостителство, терени за голф и големи инвестиции во туризмот и во угостителството.
Јуниор го предложи Ди Венс за десна рака на Трамп?
Неговиот деловен стил се карактеризира со агресивен пристап кон преговорите, стратешко проширување на пазарот и инсистирање на семејниот бренд како симбол на престиж. Тој е извршен потпретседател на Организацијата Трамп, водител на поткастот „Triggered“.
Исто така се смета дека Трамп Јуниор во голема мера е одговорен за обезбедувањето на потпретседателската номинација на неговиот пријател Џеј-Ди Венс, сенаторот од Охајо кој еднаш го критикуваше неговиот татко.
Покрај бизнисот, тој се докажа и како еден од најсериозните политички актери во конзервативното движење во Америка. За време на првата претседателска кампања на неговиот татко во 2016 година, тој се покажа како исклучително ефикасен говорник и стратег.
Директен, остар, полн со енергија
Неговите настапи на митинзите станаа симбол на кампањата, директни, остри и полни со енергија. Кога Доналд Трамп се кандидираше за реизбор во 2020 година, Трамп Јуниор презеде уште поактивна улога, станувајќи една од клучните фигури во кампањата. Преку социјалните мрежи, телевизиските настапи и митинзите тој директно им се обраќаше на гласачите и ги мотивираше да му дадат поддршка на неговиот татко.
Неговото политичко влијание продолжи да расте во периодот кога Трамп не беше на функцијата, а кога Доналд Трамп беше реизбран во 2024 година, неговиот син стана еден од главните луѓе во транзицискиот тим на Белата куќа.

Ловец и критичар на „длабоката држава“
Тој го користи своето влијание за да ги поддржи клучните политички сојузници на неговиот татко и да се погрижи политиката на Трамп да има силна поддршка на сите нивоа на власта. Покрај политиката, тој е страствен ловец, борец за правото да се дозволи поседување оружје и критичар на либералните елити кои доминираат во американските медиуми и институции.
Неговата порака до гласачите е јасна – борба против „длабоката држава“ и враќање на Америка на нејзините традиционални вредности.
Ќе се кандидира ли Јуниор за наследник на татко си?
Тој беше оженет со Ванеса Трамп и има пет деца. Дали еден ден ќе има официјална функција? Иако тој изјави дека не планира да се кандидира за функцијата претседател, поддршката која ја има од клучните десничарски лидери го прават потенцијален наследник на татко му.