ДОГОВОРОТ ЗА МИНЕРАЛИ НЕМА ДА ЈА ВКЛУЧУВА ПРЕТХОДНАТА АМЕРИКАНСКА ПОМОШ ЗА КИЕВ Премиерот на Украина ги постави „црвените линии“ во преговорите

Премиерот на Украина, Денис Шмигал, истакна дека договорот за минерали и ресурси мора да биде усогласен со европските стандарди, да се ратификува во Парламентот и дека веќе доделената помош нема да биде дел од новите услови.

197

Планираниот договор меѓу САД и Украина за минерали и природни ресурси нема да ја вклучува финансиската помош што ѝ беше обезбедено на Украина пред потпишувањето на договорот, изјави премиерот на Украина, Денис Шмигал, на 27 април, објави Киев индепендент.

Шмигал го посети Вашингтон како дел од украинска делегација која на 24-26 април одржа технички разговори со американски официјални лица околу долго дискутираниот договор за минерали. Премиерот се сретна со американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, за да разговараат за „важни политички аспекти“ на договорот.






Делегациите постигнаа добар напредок во преговорите, објави Шмигал на Телеграм на 27 април.

„Најважното е што јасно ги дефиниравме нашите црвени линии: договорот мора да биде во согласност со европските обврски и да не противречи на Уставот и на законите на Украина. Договорено е дека документот мора да биде ратификуван од страна на Парламентот. Исто така е договорено дека помошта, што беше обезбедена пред потпишувањето, нема да се смета во рамки на договорот“, посочи Шмигал.

САД и Украина потпишаа меморандум за договорот за минерали на 27 април, но договорот сѐ уште не е финализиран. Според меморандумот, техничките разговори требаше да завршат до 26 април, со цел договорот да биде потпишан веднаш потоа. Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 25 април се пожали дека Киев „доцни најмалку 3 недели“ со потпишувањето на договорот.

Трамп го претставува договорот за минерали како начин за САД да ги „повратат“ средствата обезбедени за Украина за време на руската инвазија. Претходните верзии на договорот им даваа на САД обемна контрола врз заедничкиот инвестициски фонд, без притоа да понудат безбедносни гаранции за возврат.

Пред почетокот на техничките разговори со САД, заменик-министерот за економија и трговски претставник на Украина, Тарас Качка, изјави дека договорот нема да значи конвертирање на претходно обезбедената американска помош во долг.

„САД, како еден од партнерите, ќе заработат најмалку колку што изнесува вредноста на обезбедената помош преку активностите на фондот“, рече Качка.

Договорот е предмет на разговори со месеци и беше блокиран поради загриженоста дека може да биде во спротивност со украинските закони и да ѝ наштети на амбицијата на Киев за приклучување кон Европската Унија. Исто така, договорот стана точка на тензија меѓу претседателот Володимир Зеленски и Трамп, кои влегоа во жестока расправија во Белата куќа на 28 февруари, кога првично требаше да го потпишат договорот.

Шмигал не прецизираше кога очекува договорот да биде потпишан.

Поврзани содржини