ШМИТ СИ ОДИ ПОД АМЕРИКАНСКИ ПРИТИСОК? Додик слави, „Српска е неуништлива“

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина поднесе оставка од функцијата, но ќе остане до избор на наследник. Заминувањето доаѓа среде нова политичка криза, жестоки судири со лидерот на Република Српска и шпекулации за американски притисок.

0

Високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит поднесе оставка од функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина по речиси пет години на чело на Канцеларијата на високиот претставник.

Германскиот дипломат веќе го информирал Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот и побарал да почне процедура за избор на наследник. Сепак, тој нема веднаш да ја напушти функцијата и ќе остане до именување нов висок претставник.

Заминувањето се случува во период на длабока политичка криза во БиХ, со блокади на институциите, сецесионистички пораки од Република Српска и постојани судири со Милорад Додик.

„Република Српска е неуништлива“

Милорад Додик заминувањето на Шмит го претстави како политичка победа.

Тој изјави дека Шмит ја напушта БиХ „како што дошол“, без легитимитет и без меѓународно право на своја страна. Додик додаде дека целиот негов мандат покажал оти „Република Српска е неуништлива“.

Властите во Бања Лука со години го оспоруваат легитимитетот на Шмит. Русија исто така тврди дека неговото именување не било потврдено во Советот за безбедност на ОН.

Шмит во претходните извештаи предупредуваше дека потезите на раководството на Република Српска ја поткопуваат државноста на БиХ.

„Американски ултиматум“

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави анализа според која заминувањето на Шмит не било доброволно, туку резултат на американски притисок.

Во анализата се наведува дека интересите на претседателот на САД, Доналд Трамп, поврзани со гасните проекти во БиХ, можеби одиграле клучна улога.

Весникот тврди дека промената на политиката кон Додик би можела да биде поврзана со проектот „Јужна интерконекција“. Според дипломатски извори, постоеле шпекулации за неформален договор, во кој заминувањето на Шмит било дел од поширока политичко-енергетска пресметка.

Официјална потврда за таков договор нема.

„Меѓународната останува неопходна“

Шмит порача дека ќе продолжи да ги извршува должностите додека не биде избран наследник.

– Обединетата меѓународна заедница останува неопходна за стабилноста на Босна и Херцеговина – порача тој.

Тој ги повика политичките лидери од двата ентитета да работат со новиот висок претставник на реформите и на евроатлантските интеграции.

Заминувањето на Шмит отвора нова неизвесност околу иднината на меѓународното присуство во БиХ. Високиот претставник со години останува една од најспорните точки меѓу западните земји, Русија и раководството на Република Српска.

Поврзани содржини