Шилегов го нарече Мисајловски „шарлатан“ и „хохштаплер“ и ги налути советниците на ВМРО-ДПМНЕ
Мисајловски за мене е обичен шалабајзер и шарлатан. Да правиш селфи на плоштад и да тврдиш дека тревата чини 538.000 евра, тоа значи дека си шарлатан, хохштаплер, полуписмен примитивец. Со класична лага сака да ќари политички поени - рече Шилегов.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во денешното гостување на ТВ24 упати прилично груби зборови кон потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, нарекувајќи го „шарлатан“, „хохштаплер“ и „полуписмен примитивец“. Ова следуваше откако Мисајловски индиректно го обвини на социјалните мрежи дека биле злоупотребени огромни пари за тревникот на главниот плоштад во Скопје.
– Мисајловски за мене е обичен шалабајзер и шарлатан. Да правиш селфи на плоштад и да тврдиш дека тревата чини 538.000 евра, тоа значи дека си шарлатан, хохштаплер, полуписмен примитивец. Со класична лага сака да ќари политички поени – рече Шилегов.
До крајот на емисијата тој уште еднаш повтори дека работите треба да се наречат со нивното вистинско име.
– Подготвен сум да примам критики. Но, потпретседател на политичка партија да пласира лажна вест, тој е шалабајзер, не е политичар. Во земјава треба да престанеме со двојните аршини. Таквите луѓе конечно треба да бидат наречени со нивното вистинско име, шарлатани – рече Шилегов.
На овие негови навреди реагираше советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од Град Скопје и објави соопштение во кое се вели дека кај нив постои вистинска загриженост за менталното здравје на Шилегов.
„Зарем ова е речникот и нивото на првиот човек на Град Скопје? Денес јавноста имаше можност и навистина да го види вистинското лице на Шилегов нешто за кое ние говоревме многупати. Може да се заклучи дека овој човек има навистина проблем со вистината. Скопје наместо градски татко, доби градски татко кој во својот речник употребува нај недолични и навредливи зборови какви досега нема изговорено ниту еден политичар. Како советничка група сериозно сме загрижени за здравјето на градоначалникот Шилегов, предлагаме сериозно да си поработи на своето ментално здравје. Сепак здравјето пред сè, а слоганот седи дома, може буквално треба да го примени и овој функционер. Фактите говорат дека Петре Шилегов е единствено рекордер не по работа туку по најскапо платената трева во светот, дури поскапо од таа на Вимболдон. Секогаш кога има недостаток на аргументи Шилегов преоѓа на навреди. Тоа е елементарна култура која се стекнува во првите години од животот. Очигледно и за жал на скопјани, Шилегов ги прескокнал тие лекции. Скопјани заслужуваат многу повеќе“, наведено е во соопштението.