СЕМЕЈСТВОТО НА ТОШЕ СЕ ДИСТАНЦИРА ОД НАЈАВЕНИОТ КОНЦЕРТ ВО СПЛИТ Не учествува внукот на Тоше, ниту неговиот бенд, не наседнувајте на манипулации!
Нема да настапат Кристијан, ниту придружниот бенд на Тоше. Организаторите немаат службена дозвола од нас за негово одржување, а ние сме единствените носители на правата - се вели во објавата.
Семејството на Тоше Проески јавно се огласи по најавите за концертот „Тоше засекогаш – музика која живее“ (Toše Forever – Glazba Koja Živi), кој е закажан за октомври во Сплит, предупредувајќи ги обожавателите да не бидат доведени во заблуда.
Во соопштението, кое на социјалните мрежи го објави сестрата на Тоше, Дора Проеска, а го сподели и нејзиниот син Кристијан Ристески, се наведува дека семејството не стои зад овој настан и дека организаторите немаат нивна согласност.
„Јавно и недвосмислено сакаме да ве известиме дека оваа информација не е точна. Нема да настапат Кристијан, ниту придружниот бенд на Тоше. Организаторите немаат службена дозвола од нас за негово одржување, а ние сме единствените носители на правата“, се вели во објавата.
Семејството истакнува дека ги поддржува сите искрени настани посветени на ликот и делото на Тоше Проески, но дека нема да дозволи, како што наведува, „отворена манипулација со неговото име и неговата публика“.
Во обраќањето до фановите тие апелираат да не наседнуваат на, како што велат, „невистини и комерцијални манипулации“, додавајќи дека токму обожавателите секогаш биле најважниот дел од животот и кариерата на Тоше.