На денешната владина седница беше разгледана и усвоена Информацијата во врска со одлуката за продолжување на постапката за основање на Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска“.
– Владата одлучи дека постапката за основање на Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска“ ќе се спроведува согласно Законот за туристички развојни зони со уредени погодности за инвестирање во проекти со посебна намена, соопшти владината прес-служба.
За ова на Фејсбук се пофали и првиот вицепремиер Артан Груби.
– Веќе на овој локалитет започна отстранувањето на камп приколките, кафулињата, рестораните кои се веќе долго време руинирани, а кои беа изградени пред четириесет години со самопридонес на граѓаните. Дел од земјоделското земјиште од селата Глумово и Шишово, лоцирани околу Езерото Треска, е пренаменето во градежно земјиште со цел општина Сарај да изготви детален урбанистички план и на тој начин да обележи нови маркици каде што треба да се изгради викенд населба, хотелски комплекс и спортски рекреативен центар за развој на екотуризмот, со што ќе се врати во функција езерото Треска, напиша Груби на Фејсбук.