СДСМ СЕ ОТКАЖАЛ ОД ИДЕЈАТА НА ДЕЦАТА ДА ИМ СЕ МЕНУВА ПОЛОТ БЕЗ СОГЛАСНОСТ НА РОДИТЕЛИТЕ Сега им е виновен Костадин Костадинов, кој ја провали таа будалштина
Поранешниот струмички градоначалник ја критикуваше идејата на СДСМ, па сега го хејтаат по Вајбер групи.
СДСМ соопшти дека не стои зад закон за промена на податоци во матичната евиденција кој во јавноста се поврзуваше со можност за промена на пол кај малолетни лица, по реакциите што се појавија по изјавите на поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
Реакцијата од партијата доаѓа откако Костадинов јавно изрази несогласување со законското решение за кое тврди дека отвора можност за промена на пол кај малолетни лица без согласност од родителите.
Од СДСМ, пак, тврдат дека станува збор за закон кој не е дел од актуелната програмска агенда и дека веќе подолго време не е во собраниска процедура.
„Немаме време за дефокус. Ова не е вистина. Законот за кој зборува Костадинов е повлечен од владина и собраниска процедура во март 2022 година и нема никаква врска со нашата нова програмска платформа“, соопштија од СДСМ.
Во своја јавна објава, Костадинов истакна дека предложеното решение не е во согласност со социјалдемократските вредности и повика законот да не биде прифатен.
„Сметам дека на сите ни е јасно дека ова не е социјалдемократска идеја. Конкретно мислам на Законот за матична евиденција, кој предвидуваше промена на пол на малолетни лица без согласност од родителите“, напиша тој.
Костадинов додаде дека и покрај тоа што ја поддржува заштитата на маргинализираните групи, смета дека постојат јасни граници во ваквите законски решенија.
„Јас искрено верувам во добрите намери на социјалдемократијата да заштитува маргинализирани групи, но некои работи се едноставно премногу“, наведе тој.
Поранешниот градоначалник повика на внатрепартиско обединување околу ова прашање, изразувајќи уверување дека мнозинството членови на СДСМ ќе имаат ист став.
„Во име на консолидацијата, убеден сум дека огромното мнозинство од моите партиски другари овој пат ќе бидеме на иста страна. Ова не треба да помине!“, порача Костадинов.
На крајот, тој апелираше СДСМ да се врати кон, како што наведе, вистинските социјалдемократски вредности.