СДСМ ИМА ЖЕНСКИ ПРОБЛЕМИ Славјанка Петровска ќе биде единствената „госпоѓа министерка“ во новата влада?!
Актуелната пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, најверојатно ќе биде единствената жена-министерка која треба да го „обели“ образот на поранешниот партиски лидер Зоран Заев, кој пред само три месеци (14.09.2021 година) велеше: „Застапувам ефикасно применување на националните стратегии за еднакво и рамноправно учество на жените во политиката“.
Часовникот отчукува, течат роковите за формирање нов состав на владата, а партијата на власт што ја предводи потенцијалниот мандатар, Димитар Ковачевски, по сè изгледа се соочува со силни главоболки во моментите кога треба да донесе одлука за тоа кои луѓе треба да седнат на министерските фотелји, а притоа да се испочитува родовата рамноправност во политиката.
По заминувањето на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на министерката за образование Мила Царовска, партиски извори брифираат дека од учество во новата влада најверојатно ќе се откажат и министерката за култура Ирена Стефоска и министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска, па како што велат нашите соговорници, лесно може да се случи раководството на СДСМ да го предложи „најмашкиот“ министерски состав во историјата на државата.
Според нашите сознанија, актуелната пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, најверојатно ќе биде единствената жена-министерка која треба да го „обели“ образот на поранешниот партиски лидер Зоран Заев, кој пред само три месеци (14.09.2021 година) велеше: „Застапувам ефикасно применување на националните стратегии за еднакво и рамноправно учество на жените во политиката“.
Неофицијално, како што брифираат нашите соговорници, Петровска ќе биде назначена за наследник на министерот Бојан Маричиќ во Министерството за правда, додека, пак, нејзиното пратеничко место наводно ќе ѝ припадне на поранешната замник-министерка за труд и социјала, Санела Шкријељ.
– Голем дел од жените-министерки нема да бидат во новата влада. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска веќе јавно се откажа од учество во новиот состав, а истото го стори и министерката за образование Мила Царовска. Најверојатно истото ќе се случи и со министерката за култура Ирена Стефоска и со министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Од друга страна, нашиот нов коалициски партнер Алтернатива не поставува жени на министерските позиции, туку само мажи. Токму затоа ние во моментов се наоѓаме во многу незгодна ситуација и може да се случи идниот состав на новата влада да биде „најмашкиот“ во историјата на државата. Засега, најголеми шанси за позицијата министер за правда има актуелната пратеничка Славјанка Петровска – брифираат нашите соговорници.
Плусинфо се обиде да ја контактира пратеничката Славјанка Петровска, но таа беше недостапна за изјава.
Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), Савка Тодоровска, во изјава за Плусинфо вели дека новиот премиер ќе мора да ја испочитува родовата еднаквост на министерските позиции при формирање на новата влада, а писмо со предупредување, односно со потсетување, ќе добие уште првиот ден кога ќе стане премиер.
– Во истиот момент кога претседателот на државата ќе му го додели мандатот на новиот премиер, ние веднаш ќе му испратиме писмо на премиерот за да го потсетиме дека треба да внимава на бројот на жени на министерските позиции. Ние сме подготвени да извршиме притисок, но сè додека не се постави мандатарот ние не можеме да дејствуваме, бидејќи сега не знаеме на чија адреса да го испратиме писмото. Ние сме сериозна организација и секогаш си стоиме на зборот. Знаеме кои се нашите ингеренции и сакаме да имаме соработка со институциите за да можеме да ја постигнеме целта. Засега сè се сведува на ниво на шпекулации, односно дека новиот состав на владата ќе го сочинуваат мал број жени, но ние секако дека ќе интервенираме доколку шпекулациите во иднина станат вистинити. Во пресрет на локалните избори што се одржаа во октомври годинава, ние како организација извршивме притисок врз Парламентот за да се направат измени во Изборниот законик со цел 40 отсто женски имиња да се најдат на листите. Но, за сите други позиции, ни за извршната власт, ни за градоначалничките места, ниту една политичка партија не го испочитува процентот за спроведување родова еднаквост во политиката. И тогаш им испративме писма на сите лидери на политичките партии, но никој од нив не ни одговори – објаснува Тодоровска.

Интересни податоци за процентот на учество на жените на клучните министерски позиции се наведени во годишниот извештај на „Еуростат“, каде што Македонија и со досегашните владини состави не може да се пофали со високо место на пиедесталот.
На пример, во последните неколку години, бројот на жени кои се дел од владите на земјите во Европската Унија бележи значителен раст – од 20 проценти во 2004 година до 33 проценти во 2020 година.
Минатата година Финска имаше најголем удел на жени во владата и тоа – 55 проценти. Веднаш зад Финска следуваа Австрија со 53 проценти, Шведска со 52 проценти, Франција со 51 процент и Белгија со 50 проценти.
Од друга страна, најнизок процент на жени-министерки имаа владите на Малта со 8 проценти, Грција со 11 проценти и Естонија со 13 проценти.
Во Македонија лани уделот на жени во министерски фотелји изнесувал 16 проценти, една година претходно изнесувал 15 проценти, а во 2018 година изнесувал 12 проценти.
Дали оваа година ќе ѝ правиме друштво на Малта на дното, останува да видиме на 17 јануари кога новиот премиер ќе го соопшти новиот владин состав.