САМО ЗА УКРАИНА ЛИ ВАЖИ ТЕРИТОРИЈАЛНИОТ ИНТЕГРИТЕТ? Косово никогаш нема да стане членка на ОБСЕ, изјави Дачиќ во Скопје
Србија не може да прифати оти територијалниот интегритет на Украина или која било друга земја е поважен од нејзиниот територијален интегритет – рече српскиот министер за надворешни работи.
Косово никогаш нема да стане членка на ОБСЕ, порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во обраќањето на една од сесиите на Министерскиот совет на Организација што од денеска се одржа во Скопје.
Коментирајќи ги наводите дека Албанија побарала Косово да биде членка на ОБСЕ, Дачиќ посочи дека, за среќа, одлуките во Организацијата се носат со консензус.
– Косово никогаш нема да може да стане членка на ОБСЕ бидејќи Србија нема да се согласи со тоа – рече Дачиќ.
Шефот на српската дипломатија изјави оти денеска во Скопје многупати било споменато прашањето за територијалниот интегритет, но дека Србија не може да прифати оти територијалниот интегритет на Украина или која било друга земја е поважен од нејзиниот територијален интегритет.
– Би ве замолил кога говорите за територијалниот интегритет да имате предвид дека тоа е универзален принцип, кој важи за сите. Ако го осудувате кршењето на територијалниот интегритет во други земји, бидете искрени и немојте отворено да го легализирате кршењето на територијалниот интгеритет на Србија на еден ваков собир – рече Дачиќ.
Шефот на српската дипломатија додаде дека исклучително го почитува територијалниот интегритет на Украина и оти дава сè од себе тој да се чува, но рече дека Србија не треба да биде наведувана на заклучок оти нејзиниот територијален интегритет е помалку важен за Европа и за ОБСЕ.