РУСИЈА, УКРАИНА И САД НАЈАВУВААТ НОВА РУНДА ПРЕГОВОРИ Датумот сѐ уште не е прецизиран, разговорите ќе продолжат во наредните недели
Датумот за новата рунда преговори меѓу Украина, Русија и САД сѐ уште не е прецизиран, но разговорите се очекува да продолжат во наредните недели.
Нова рунда преговори за Украина наскоро ќе се одржи, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без да го прецизира точниот датум на средбата, пренесуваат руските медиуми.
– Засега датумот не е прецизиран. Но, наскоро ќе биде – рече Песков, истакнувајќи дека не се планираат слични разговори во САД и дека досега нема билатерални средби за украинското решение таму.
Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, изјави дека учесниците на состанокот во Абу Даби се договориле да ги известат своите главни градови за резултатите, со цел дијалогот да продолжи во наредните недели.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, исто така најави дека следните средби на преговарачките тимови на Украина, САД и Русија се планирани во блиска иднина и најверојатно ќе се одржат во САД.
Затворените разговори на работната група, во кои учествуваа претставници на трите земји, се одржаа вчера и завчера во Абу Даби. Претходно, на 23 и 24 јануари, во Абу Даби се одржа првата рунда разговори, на која се дискутираа преостанатите прашања од мировниот план предложен од Вашингтон.