РИЗИЧЕН САМИТ НА ДОНАЛД ТРАМП И СИ ЏИНПИНГ Што може да се очекува – нова трговска војна, нов студен мир или опасен договор зад затворени врати?
Аналитичарите очекуваат многу симболика, внимателно режирани фотографии и дипломатски пораки за „стабилност“ и „меѓусебно почитување“, но малку конкретни резултати. Сепак, таа ќе биде тест дали двете најголеми сили на светот уште умеат да разговараат како конкуренти – без да станат отворени непријатели.
Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и на кинескиот лидер Си Џинпинг, која треба да се одржи оваа недела во Пекинг, се смета за еден од најважните геополитички настани во 2026 година. Формално, темите се добро познати – царини, трговија, Тајван, технолошката војна, Иран и безбедноста во Азија. Но, вистинското прашање е дали двајцата најмоќни луѓе на планетата воопшто повеќе веруваат дека можат да соработуваат.
Според најавите од Пекинг и од Белата куќа, средбата треба да се одржи на 14 и 15 мај, во рамки на официјалната државна посета на американскиот претседател на Кина. Првиот ден е планирана свечена церемонија за пречек и формален билатерален состанок, а вториот ден неформална средба со работен ручек и разговори во потесен формат. Дел од американските медиуми шпекулираат дека клучните разговори би можеле да се водат во комплексот Жонгнанхаи, политичкото срце на кинеското раководство, додека кинеските власти најавуваат и силна симболика – посета на Храмот на небото и државен банкет со цел средбата да добие тежина на „историски самит“.
Доналд Трамп и Си Џинпинг добро се познаваат
Американскиот и кинескиот претседател имаа повеќе директни средби за време на првиот мандат на Трамп. Најпозната беше средбата во април 2017 година во луксузниот ресорт Мар-а-Лаго на Флорида, каде Трамп го пречека Си Џинпинг со државнички почести. Самитот остана запаметен и по тоа што токму за време на вечерата Трамп го информирал Си дека САД извршиле ракетен напад врз Сирија. Подоцна тие се сретнаа и во Пекинг, во ноември 2017 година, кога кинеските власти му организираа спектакуларен пречек во Забранетиот град, со пораки за „ново историско партнерство“.
Но, односите брзо се влошија. Во 2018 година започна големата американско-кинеска трговска војна, со меѓусебни царини и санкции, а потоа дојдоа конфликтите околу Хуавеи, технологијата, ковид-пандемијата и Тајван. Затоа новата средба ќе се одржи во сосема поинаква атмосфера од онаа во 2017 година – тогаш постоеше надеж за договор, а денес доминира недоверба и геополитичко ривалство.
Ниски очекувања од самитот или сепак…
Аналитичарите забележуваат дека ова не е средба на двајца лидери кои бараат историски компромис, туку на двајца ривали кои се обидуваат да спречат ситуацијата да излезе од контрола. Очекувањата се намерно поставени ниско. Дури и американски и кинески извори признаваат дека голем пробив е малку веројатен.
Во фокусот ќе биде трговската војна што практично никогаш не заврши. По договореното привремено смирување на тензиите во 2025 година, Вашингтон и Пекинг повторно се судрија околу високите царини, извозот на ретки минерали, вештачката интелигенција и ограничувањата за чипови. Иако претходниот самит во Бусан донесе делумно намалување на тарифите, суштинските проблеми останаа нерешени.
Трамп и натаму инсистира дека Кина со децении ја искористувала Америка преку нефер трговски практики. Од друга страна, Пекинг смета дека Вашингтон се обидува да го запре кинескиот технолошки и економски подем. Во суштина, двете страни веќе не разговараат само за трговија, туку за тоа кој ќе ја диктира глобалната економија во следните децении.
Тајван стравува од изненадувачки договор
Особено чувствително прашање ќе биде Тајван. Кина во последните месеци дополнително го зголеми воениот притисок врз островот, а во Тајпеј постои страв дека Трамп би можел да направи некаков „голем договор“ со Си Џипинг без претходна координација со тајванските власти. Токму затоа тајванската дипломатија деновиве внимателно испраќа пораки дека очекува „без изненадувања“.
Проблем е и тоа што меѓународната позиција на САД повеќе не изгледа толку доминантно како пред неколку години. Американската администрација е длабоко вклучена во кризите поврзани со Иран и Украина, а Кина проценува дека тоа му дава поголем маневарски простор на Пекинг. Неколку западни анализи дури оценуваат дека Си Џипинг на средбата влегува посигурен и посамоуверен од Трамп.
На двете страни им одговара попуштање на тензиите
Во Пекинг, оваа средба се гледа и како можност Кина да покаже дека е столб на глобалната стабилност. Кинеската економија има сериозни проблеми со забавениот раст и кризата во секторот на недвижности, па на Си му е потребно барем привремено смирување на конфликтот со Америка.
Но, Трамп исто така има свои причини да избегне нова ескалација. Финансиските пазари нервозно реагираат на секое ново заострување меѓу Вашингтон и Пекинг, а американските компании веќе предупредуваат дека нов бран царини би можел дополнително да ја зголеми инфлацијата. Дел од економистите предупредуваат дека долгорочната трговска војна може да предизвика сериозни глобални потреси.
Висок политички ризик
Сепак, најголемиот ризик можеби не е економскиот, туку политичкиот. И Трамп и Си Џипинг се лидери кои сакаат да демонстрираат сила и не сакаат да изгледаат како страна што попушта. Тоа создава атмосфера во која дури и мал дипломатски инцидент или непромислена изјава може да предизвика нова криза.
Поради тоа, аналитичарите очекуваат многу симболика, внимателно режирани фотографии и дипломатски пораки за „стабилност“ и „меѓусебно почитување“, но малку конкретни резултати. Најреалното сценарио е продолжување на привремениот трговски прекин и отворање нови канали за преговори. Но, дури и тоа би било успех. Во сегашниот свет, во кој САД и Кина веќе се натпреваруваат за доминација во технологијата, војската, енергијата и глобалното влијание, самото избегнување на директен судир почнува да се смета за добра вест.
Затоа средбата меѓу Трамп и Си Џипинг нема да биде само дипломатски спектакл. Таа ќе биде тест дали двете најголеми сили на светот уште умеат да разговараат како конкуренти – без да станат отворени непријатели.
Најважното глобално ривалство на 21 век
Современите односи меѓу САД и Кина практично започнуваат во 1972 година, кога американскиот претседател Ричард Никсон беше во историска посета на Кина и се сретна со кинескиот лидер Мао Цетунг. Тоа беше вистински геополитички шок за светот, бидејќи двете држави дотогаш беа жестоки непријатели во рамки на Студената војна. Вашингтон сакаше да ја оддалечи Кина од Советскиот Сојуз, а Пекинг бараше излез од меѓународната изолација.
Посетата на Никсон ја отвори вратата за дипломатско признавање на Народна Република Кина во 1979 година, за време на мандатот на Џими Картер. Во следните децении, Кина постепено се отвори кон светската економија, привлече западни инвестиции и се претвори во „фабрика на светот“, додека американските компании масовно го префрлаа производството таму.
Долги години односите се темелеа на неформален договор: Америка добива евтина работна сила и огромен пазар, а Кина добива технологија, капитал и пристап до глобалната економија. Но, со растот на кинеската економска и воена моќ, почна да расте и недовербата во Вашингтон. Тензиите драматично се засилија за време на првиот мандат на Доналд Трамп, кога започна големата трговска војна со царини и санкции. Подоцна конфликтот се прошири и на технологијата, чиповите, вештачката интелигенција, Јужното Кинеско Море и Тајван. Денес односите меѓу САД и Кина се опишуваат како најважното глобално ривалство на 21 век – мешавина од економска зависност, политичка недоверба и опасна борба за светска доминација.