🎥 РИЧИ БЛЕКМОР СЕ ВРАТИ НА СЦЕНАТА СО „ДИП ПАРПЛ“ ПО 33 ГОДИНИ Легендарниот гитарист повторно го отсвири „Smoke on the Water“ со бендот што го основаше
Мразот се стопи и вчера (12 август), легендарниот гитарист и еден од основачите на бендот, Ричи Блекмор (81), настапи со Дип Парпл за прв пат по повеќе од три децении
Гитаристот Ричи Блекмор повторно застана на сцената со „Дип Парпл“ по пауза од неверојатни 33 години. Легендарниот 81-годишен гитарист му се придружи на својот поранешен бенд на концертот во „Northwell at Jones Beach Theater“ во Вантаг, Њујорк, на 12 август. Блекмор, кој е еден од основачите на групата, со „Дип Парпл“ настапи за првпат откако го напушти бендот во 1993 година.
Неговото појавување беше особено емотивно бидејќи претходно неделава самиот Блекмор откри дека му се јавил на пејачот Ијан Гилан и го прашал дали би можел да се појави на концертот. Бидејќи местото на настапот било релативно блиску до неговиот дом на Лонг Ајленд, тој предложил да им се придружи само за една песна на бис.
– Не сакам да се наметнувам. Само за старите времиња – објаснил Блекмор.
Идејата беше прифатена од Гилан и од останатите членови на групата и Блекмор се појави на сцената на самиот крај од 100-минутниот концерт и заедно со „Дип Парпл“ ја отсвире култната „Smoke on the Water“, песната со еден од најпрепознатливите гитарски рифови во историјата на рок-музиката. По настапот, Гилан го претстави својот поранешен колега како „големата легенда“ и „бесмртниот“ Ричи Блекмор.
Блекмор го напушти „Дип Парпл“ во ноември 1993 година, по концертот во Хелсинки, а неговиот однос со Гилан со години беше исклучително затегнат. Иако во минатото постоеја навестувања дека Блекмор би бил подготвен за уште еден заеднички настап, долго време изгледаше дека тоа никогаш нема да се случи. Во 2016 година, на пример, Блекмор дури не присуствуваше на церемонијата на која „Дип Парпл“ беше примен во Рокенрол куќата на славните.
Затоа овој настап има дополнителна тежина за обожавателите. Блекмор е еден од клучните музичари во историјата на „Дип Парпл“, а неговото свирење е неразделно поврзано со класичните песни на групата.
Сепак, засега нема најава дека ова ќе прерасне во трајно враќање на Блекмор во „Дип Парпл“. Сè укажува на тоа дека станува збор за еднократен специјален настап, инициран од самиот гитарист. Но, по повеќе од три децении разделеност, за љубителите на рокот и само една заедничка изведба на „Smoke on the Water“ беше доволна за да стане историски музички момент.