МАКЕДОНИЈА ВО ТОП 30 ПО САЈБЕР-БЕЗБЕДНОСТ За една година скок од 29 места

Македонија е рангирана на 30 место меѓу 155 држави и територии, а целосни 100 проценти има во шест од оценуваните области.

0

Македонија бележи значителен напредок на Националниот индекс за сајбер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 места и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.

Со резултат од 84,17 од можни 100 поени, земјата е меѓу државите со високо ниво на подготвеност во областа на националната сајбер-безбедност. Податоците се од верзијата на индексот ажурирана на 27 февруари 2026 година.






Индексот го развива и одржува естонската e-Governance Academy Foundation, а проценката се темели на јавно достапни докази, меѓу кои закони, официјални документи и веб-страници на институциите. NCSI има 12 области и 49 индикатори, преку кои се оценуваат националните капацитети за сајбер-безбедност.

Според најновото оценување, Македонија има максимални 100 проценти во повеќе значајни области. Целосен резултат има во политиките за сајбер-безбедност, образованието и професионалниот развој, заштитата на критичната информациска инфраструктура, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека скокот од 29 места претставува меѓународна потврда за спроведените реформи.

– Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти. Овој резултат не е крајна цел, туку обврска да продолжиме уште поинтензивно да ја градиме сајбер-отпорноста на државата – изјави Андоновски.

Од Министерството наведуваат дека напредокот е резултат на координираната работа на институциите и на повеќе системски чекори, меѓу кои донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување, воспоставувањето механизми за национална координација и зајакнувањето на капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти.

Новиот закон ја утврдува надлежноста на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, воведува обврски за управување со сајбер-ризици и пријавување инциденти и ја зајакнува заштитата на суштинските и важните субјекти. Официјалниот профил на NCSI потврдува дека токму овој закон и новата Стратегија се меѓу доказите врз кои е оценувана земјата.

Сепак, резултатот не значи дека сите сегменти се на највисоко ниво. Најновото оценување покажува, на пример, дека земјата има 0 проценти во сајбер-безбедносното истражување и развој, 83 проценти во безбедноста на дигиталните овозможувачи, 75 проценти во анализа на сајбер-заканите и подигнување на свеста, 56 проценти во управувањето со сајбер-кризи и 33 проценти во воената сајбер-одбрана.

Од Министерството за дигитална трансформација најавуваат продолжување на спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план, јакнење на националните капацитети за превенција и одговор, развој на стручниот кадар, подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.

– Безбедна дигитална држава значи сигурни јавни услуги, заштитени податоци, отпорна критична инфраструктура и поголема доверба на граѓаните во процесот на дигитална трансформација – велат од министерството.

Поврзани содржини