РЕПЛЕК ОДБЕЛЕЖУВА 10 ГОДИНИ СВОИ ПРОИЗВОДИ ОД МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС Реализиран е и првиот извоз во ЕУ
Во период кога довербата, стандардите и транспарентноста се клучни во развојот на современата фармацевтска индустрија, „Реплек“ одбележува уште еден значаен јубилеј. Компанијата заокружува 10 години од почетокот на сопственото производство и развој на производи на база на медицински канабис, со што уште во 2016 година стана пионер на домашниот пазар, но и еден од првите регионални играчи.
По цела деценија, „Реплек“ останува единствена компанија во регионот која развојот, производството и стабилноста на производите од медицински канабис ги темели на најстроги фармацевтски стандарди и на долгогодишното искуство во фармацевтското производство. Токму ваквиот пристап овозможува гаранција за безбедност, највисок квалитет и стандардизиран производ, што претставува особено значаен предизвик кога станува збор за производи добиени од растителна суровина.
Во пресрет на овој јубилеј беше остварен значаен успех – реализација на првиот извоз на производите на база на медицински канабис од „Реплек“ на строгите пазари на Европската унија. Пласманот на ваков пребирлив пазар го потврдува квалитетот на портфолиото и во овој фармацевтски сегмент, што „Реплек“ посветено го создаваше во изминатите 10 години.
– Кога пред 10 години стартувавме со овој фармацевтски сегмент, пазарот во земјава реагираше со скептицизам. Бевме пионери во ова поле, и на македонскиот, исто како и на регионалниот пазар. Решивме да бидеме истрајни и напорно да работиме во реализацијата на оваа идеја, а од сегашна перспектива можеме да кажеме дека нашата одлука беше исправна, што се докажа и со успешно реализираниот извоз на пазарот на Европската Унија. За пласман на овие производи има сериозен потенцијал, бидејќи глобалниот пазар на производи од канабис продолжува да бележи силен раст, а потенцијалот за националната економија е голем и треба да биде искористен – изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Во насока на обезбедување точни, проверени и стручно засновани информации за сите засегнати страни, „Реплек“ во ноември минатата година го отвори КА-информативниот центар наменет за информирање за производите на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков тип во земјава и е основан како подружница на „Реплек“, а функционира како платформа на компанијата која овозможува транспарентна и одговорна комуникација за сите прашања поврзани со употребата на овие производи.
КА-информативниот центар има значајна улога во надминување на стереотипите поврзани со медицински канабис и е точка на доверба меѓу компанијата, потрошувачите и стручната јавност.
Откако пред една деценија компанијата го стартуваше производството на производи на база на медицински канабис, таа го водеше процесот систематски и одговорно, обезбедувајќи силни производствени и контролни стандарди. Производствениот процес на „Реплек“ се базира на современа суперкритична CO₂ екстракција и технологија која овозможува висока селективност, репродуктивност и стабилност на екстрактите. Се користи индустриска опрема од реномирани европски производители, а ваквата модерна и валидирана технологија обезбедува поголема ефикасност и подобар принос од суровините, со доследен квалитет во секоја серија. Темелите на овој успех се континуираните инвестиции во напредни технологии, како и врвната експертиза на професионалниот тим на компанијата.
Портфолиото на „Реплек“ во овој сегмент опфаќа три групи производи, и тоа ЦБД масла, козметика со медицински канабис, како и производи со ЦБД и ТХЦ наменети како дополнителна терапија кај сериозни заболувања, секогаш употребувани во рамки на строгите регулаторни прописи.
Со своето десетгодишно искуство, потврдениот квалитет, како и извозот на пазарот на Европската Унија, „Реплек“ денес сериозно ја позиционира земјава на мапата на современата и одговорна фармацевтска индустрија на медицински канабис.