ПРВАТА ПИТА ЈА НАПРАВИЛА НА 10, БАКЛАВА СО ДОМАШНИ КОРИ – НА 13 ГОДИНИ Станува во 4 и со љубов ги подготвува сите печива и слатки во својата пекара
Ева Максимовска има само 21 година, станува во 4 наутро, а во 9 навечер е веќе во кревет. Пред 6 месеци со поддршка на семејството ја отворила својата мала пекара кадешто со голема љубов и страст самата подготвува сè што е во понудата. Кога ќе влезете во нејзиното царство, ќе ве маѓепса мирисот на путер и на свежо печени печива во кои става само најквалитетни и свежи состојки
Дваесетиедногодишната Ева Максимовска веќе на 13 години знаела што сака да биде, но го послушала советот на своите родители и се запишала во гимназијата „Никола Карев“ за да си даде време да размисли.
И додека учела гимназија, слободното време најмногу сакала да го поминува во кујна и да експериментира правејќи најразлични рецепти сè додека не ги направи онака, по свое, прецизно до грам и до совршенство.
И секогаш тоа морало да бидат рецепти со најдобрите состојки, наместо табла чоколадо за готвење- црно чоколадо, наместо зејтин – путер, а за соучениците, наместо крем банани или чоколадни бонбони, за својот роденден правела вистинска домашна торта. И не само за нејзиниот, туку за секој роденден на децата од класот.
„Им предложив за секој роденден да собираме пари, нешто ситно, по околу 20 денари, а потоа јас купував намирници и правев нешто благо, помало или поголемо, во зависност од буџетот, но секогаш со квалитетни состојки. Кога ќе се погодеа неколку родендени во една недела, се собираа повеќе пари па со поголем буџет можев да направам и некоја поголема торта. Кога потоа, во трета година, се распоредивме во различни смерови, моите стари соученици жалеа што не сме повеќе заедно, а новите кои претходно веќе знаеја за нашата практика, со радост ја прифатија па продолжив да го правам истото и во трета и четврта година“, се смее Ева.
Целата приказна за Ева прочитајте ја на порталот „Арт кујна“.