ЌЕРКА НА ТУРСКИ ПОЛИТИЧКИ БЕГАЛЦИ ИТА КОН ЦРВЕНАТА ГРАДСКА КУЌА ВО БЕРЛИН Елиф Ералп може да стане првата левичарска градоначалничка на германската престолнина

Ако коалициските преговори завршат со нејзин избор, жената родена во Минхен само неколку недели по бегството на нејзините родители од Турција ќе стане првата градоначалничка на Берлин од Левица и првата личност со мигрантско потекло на таа функција.

0

Берлин е пред историска промена. 45-годишната Елиф Ералп, правничка со турско потекло и водечка кандидатка на Левица (Die Linke), има реална шанса да стане првата политичарка од оваа партија на чело на германската престолнина и првата берлинска градоначалничка со мигрантско потекло.

На изборите во неделата Левица освои околу 25,7 отсто и речиси 468.000 втори гласови, убедливо најдобриот резултат на партијата во Берлин. Но Ералп сè уште не е градоначалничка: за влез во Црвената градска куќа ѝ треба коалициско мнозинство, а како можни партнери се разгледуваат СПД и Зелените.






„Азилантка” во стомакот на бремената мајка

Приказната на Ералп почнува непосредно по воениот удар во Турција во 1980 година. Нејзините родители биле социјалисти и синдикалци, а по политички прогон ја напуштиле земјата додека мајка ѝ била во осмиот месец од бременоста. Според сведоштвата на Ералп, патувале одвоено од безбедносни причини, преку Бугарија и тогашна Југославија стигнале во Западна Германија. Елиф е родена на 14 јануари 1981 година во Минхен, а нејзините родители по две години добиле политички азил.

Семејството било политички активно, но и високообразовано. Татко ѝ бил лекар и подоцна работел како анестезиолог во германските болници, а мајка ѝ Хулија Ералп е феминистка и публицистка, која во Германија организирала женски проекти и пишувала за миграцијата. Елиф растела најпрво во Минхен и Дортмунд, а од осумгодишна возраст во Хамбург-Алтона. Самата раскажува дека родителите ја носеле на демонстрации, а една од нејзините силни политички спомени од детството се протестите по расистичкиот подметнат пожар во Золинген во 1993 година.

Професионален ангажман во Левица

На 12 години решила дека сака да стане адвокатка за човекови права. Од 2001 до 2007 година студирала право на Универзитетот во Хамбург, со криминологија како главна област, а еден семестар поминала на Универзитетот во Аликанте во Шпанија. Ги положила двата германски државни правосудни испити, вториот во 2009 година со висока оценка. Во текот на правната практика работела и на прашања од азилното и миграциското право, а дел од обуката ја поминала кај Високиот комесаријат на ОН за бегалци. Зборува германски, турски, англиски и шпански.

Во Берлин дошла во 2010 година и таму, како што вели, го нашла градот во кој сака да остане. Од 2010 до 2021 година работела како советничка за правна политика во пратеничката група на Левица во Бундестагот, во работната група за граѓански права и демократија. Била член на работничкиот совет и на тарифната комисија на синдикатот Ver.di, а се занимавала и со миграциско и станбено право. Интересно е што повеќе години професионално работела за Левица без да биде член на партијата – членската книшка ја земала дури во 2017 година, што самата го поврзува со влегувањето на АфД во Бундестагот.

Нејзина кауза е радикалната станбена политика

Нејзиниот политички профил е недвосмислено лево ориентиран. Уште како ученичка учествувала во антинуклеарното движење, а подоцна во антикапиталистички, антифашистички и антирасистички иницијативи. Во Берлин била активна во мигрантската организација Allmende и во активности против гентрификацијата, а учествувала и во солидарни акции за Курдите и Рожава и во кампањи поврзани со турската прокурдска ХДП. Во 2019 година била меѓу основачите на партиската мрежа Links/Kanax, чија цел е поголема политичка застапеност на луѓето со мигрантско потекло.

Нејзиното напредување во партијата е релативно брзо. Од 2018 до 2023 година била членка на берлинското раководство на Левица, во 2021 година станала пратеничка во берлинскиот парламент, од 2024 година е заменик-претседателка на пратеничката група, а од 2025 година и заменик-претседателка на берлинската Левица. Нејзини области се миграцијата, антидискриминацијата и социјалната и станбената политика. Пред само неколку месеци пошироката германска јавност сè уште релативно малку ја познаваше, но кампањата „Елиф за Берлин”, со масовно одење од врата до врата и силно присуство на социјалните мрежи, ја претвори во препознатливо лице на партијата.

Главната политичка тема со која Ералп победи е домувањето. Таа бара спроведување на берлинскиот референдум за подружбување, односно преземање на станбениот фонд на големите приватни компании, меѓу кои Vonovia и Deutsche Wohnen. Ројтерс наведува дека станува збор за повеќе од 200.000 станови, додека СПД проценува дека реализацијата би можела да чини околу 20 милијарди евра. Ералп по изборите повтори дека не сака да се откаже од ова барање во коалициските преговори. Токму радикалната станбена политика, заедно со кампањата насочена кон младите и луѓето кои претходно не гласале, придонесе некои странски медиуми да ја споредуваат со њујоршкиот левичарски политичар Зохран Мамдани.

Истанбул е нејзината „втора татковина“!

Во приватниот живот Ералп е мажена и има два сина на училишна возраст. Сопругот го запознала во Берлин, каде што ги родила и децата, и за себе вели дека денес се чувствува целосно како Берлинка. Но врската со Турција останала силна: таму има големо семејство, извесно време живеела во Истанбул и била на пракса кај адвокат. Истанбул го нарекува своја „втора татковина”, а покрај личната поврзаност со земјата отворено посакува демократски политички промени во Турција.

Сега пред Ералп е потешкиот дел – претворањето на изборната победа во власт. Потенцијалната коалиција со СПД и Зелените отвора спорови околу експропријацијата на големите станбени компании, но и околу обвинувањата за антисемитизам во делови од берлинската Левица, прашање за кое можните партнери бараат јасни гаранции. Ако коалициските преговори завршат со нејзин избор, жената родена во Минхен само неколку недели по бегството на нејзините родители од Турција ќе стане првата градоначалничка на Берлин од Левица и првата личност со мигрантско потекло на таа функција.

 

Поврзани содржини