СЕ ОБИДУВААТ ДА ДИКТИРААТ ИДЕНТИТЕТ СПРОТИВНО НА ВРЕДНОСТИТЕ НА ЕУ Муртезани вели дека Европа знае колку е штетен зборот „модерен“ пред „јазик“
Во нашите односи со Бугарија, дури и една обична резолуција без обврзувачки карактер се проблематизира. Се инсистира да се стави зборот „модерен“ пред идентитетот и јазикот на државата, што е обид за диктирање на идентитетот од трета страна, изјави министерот за европски прашања во ТВ гостување.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во гостување на ТВ Сител оцени дека изјавата на еврокомесарката Марта Кос, која го сведе македонскиот идентитет на „тавче-гравче и полнети пиперки“, ја отсликува европската перцепција за идентитетот како нешто што е природно, препознатливо и неоспорно.
Тој посочи дека таквиот пристап не важи за Балканот, особено не во односите со Бугарија, каде што, според него, се прават обиди за редефинирање на македонскиот идентитет преку европски документи.
– Во нашите односи со Бугарија, дури и една обична резолуција без обврзувачки карактер се проблематизира. Се инсистира да се стави зборот „модерен“ пред идентитетот и јазикот на државата, што е обид за диктирање на идентитетот од трета страна – рече министерот.
Муртезани нагласи дека ваквите барања се спротивни на основните принципи на Обединетите Нации и на европските вредности, и дека нивното прифаќање би значело сериозен удар врз преговарачкиот процес.
– Кога разговараме со партнерите во Европската Унија, тие ја разбираат штетата што може да ја предизвика еден ваков извештај, доколку во него се вметнат амандмани со зборот „модерен“ пред македонскиот јазик. Тоа би значело дека некој друг го диктира идентитетот и јазикот на една соседна држава, нешто што директно се коси со основните правила на Обединетите нации – изјави Муртезани.
Тој посочи дека постојат две спротивставени визии за европската интеграција на Македонија: една, поддржана од 26 земји членки кои бараат уставни измени како предуслов за отворање на преговорите, и друга – бугарската, која го условува процесот со дополнителни барања вон европската рамка.
Во однос на Планот за раст за Западен Балкан и реформската агенда, изјави дека нашите 136 чекори, се целосно хармонизирани со скрининг извештаите и сите поглавја во преговарачката рамка.
– Фокусирањето на реформите сега, освен што носи пари, го подобрува животот на граѓаните, ни помага во подигање на стандардите и усогласување со европските, ни помага да завршиме дел од работата сега кога сме блокирани од Бугарите и ќе ни служи кога формално ќе ги отвориме преговорите – рече тој.