ПРЕДВИДЕНИТЕ ТЕХНОЛОГИИ ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА СЕ БЕЗБЕДНИ ЗА ПРИМЕНА Став на универзитетскиот професор Благој Голомеов

Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ упати и писмо до институциите во кое наведе дека нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанца во постапката за експлоатација. Отпадна и дел од проектот кој предвидуваше хидројаловиште, туку се планира „суво јаловиште за одложување на јаловината со најсовремени технологии кое нема да ги загрозува подземните води“.

0

Современите технологии овозможуваат целосно безбедна работа на рудниците – потврди универзитетскиот професор Благој Голомеов, коментирајќи го проектот за рудник за бакар во Иловица.

Оваа инвестиција долг период е во застој и е мета на напади, а наоѓалиштето поседува огромни резерви на бакар – метал кој е на листата на критичните минерали на Европската Унија. Според професорот од Факултетот за природни и технички науки во Штип, во Македонија без реална причина е создадена негативна клима кон рударството. Голомеов уверува дека технологиите што би се применувале се безбедни за примена.






– Овој процес на флотирање на бакарните минерали, бидејќи е мономинерален… само халкопиритот и бакарните минерали… е прилично бенигнен. Односно, се употребуваат само ксантати, пенливци и регулатори, вар за регулирање на средината… Така што, 90% од нив и повеќе се извлекуваат само со концентратите, кои дури потоа одат на топење и се добива чист бакар. Зборот ми е дека постои технологија која може да биде сосема безбедна за примена – истакна Голомеов.

Професорот се осврна и на економските придобивки на овој проект. Според него, со блокадата на инвестицијата државата губи големи приливи, бидејќи европскиот пазар задоволува едвај 20% од сопствените потреби за бакар и бара нови извори за да ја оствари енергетската и зелена транзиција.

– Преку издвојувањата за сите оние плаќања, особено платите на вработените, преку ангажирањето на надворешни фирми, економскиот ефект е прилично голем и прилично големо влијание има врз бруто-домашниот производ. Значително влијание има врз бруто-домашниот производ. Се проценува дека десетина проценти ќе има влијание врз бруто-домашниот производ, што воопшто не е за занемарување – додаде Голомеов во изјава за ТВ Сител.

Претходно и инвеститорот во рудникот го ревидираше проектот, поради најновите технологии и забелешките кои беа упатени од страна на дел од активистите. Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ упати и писмо до институциите во кое наведе дека нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанца во постапката за експлоатација. Понатаму, отпадна и дел од проектот кој предвидуваше хидројаловиште, туку се планира „суво јаловиште за одложување на јаловината со најсовремени технологии кое нема да ги загрозува подземните води“..

Покрај Голомеов, неодамна и металургот Горан Начевски во однос на критиките кон новите инвестиции истакна дека дебатата мора да се одвива врз основа на научни факти, а дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Начевски во интервју за А1он, прашан конкретно за инвестицијата во Иловица, одговори дека таа претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении.

– Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина – потенцира Начевски.

Професорот заклучува дека со статус-кво состојбата во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, односно се губат потенцијални инвестиции, нови работни места и можност за позиционирање како регионален снабдувач на критични минерали. Во исто време, како што додава, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува економската и стратешката тежина на Македонија.

Поврзани содржини