ЧЕТИРИ НОЌИ ЌЕ СЕ ПРСКА ПРОТИВ КОМАРЦИ Познати термините за дезинсекција во Скопје
Од 13 до 16 јули во Скопје ќе се спроведе терестрична дезинсекција против возрасните форми на комарци. Акцијата ќе се изведува во ноќните часови, а Град Скопје апелира пчеларите навремено да ги заштитат пчелните семејства.
Град Скопје информира дека од понеделник, 13 јули, ќе започне терестричната дезинсекција против возрасните форми на комарци на подрачјето на главниот град.
Според најавата, акцијата ќе трае до 16 јули (четврток), а прскањето ќе се врши во ноќните часови, од 22:00 до 03:00 часот наредниот ден.
Од Град Скопје посочуваат дека, доколку временските услови не дозволат реализација на дезинсекцијата, прскањето ќе биде одложено и ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден кога ќе има поволни временски услови.
Воедно, градските власти апелираат до пчеларите навремено да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на пчелите за време на спроведувањето на акцијата.
Терестричната дезинсекција е дел од редовните активности за намалување на бројноста на комарците и спречување на нивното размножување во летниот период.